Да, знам дека, можеби, кога ние би постапувале соодветно на вербата во ЕУ институциите, онака како што тоа го искажува г-ѓа Коцијанчиќ, јас, после мојот јавен повик до „институциите“ да го започнат решавањето на мега-случајот „Скопје 2014“, би требало да си седам дома и да уживам чекајќи го чекорот на македонските надлежни „институции“, кои што, нели, по логиката на нештата кога пријавувате (јавно) злосторство, би ве викнале, или барем би дошле кај вас, на кафе, (ако не повеќе, а можам да ги послужам и со виски, ако се расположени!). Иако и тоа не мора да биде баш така, зошто толку би се интимизирале, нели?
Но, бидејќи надлежните, сигурен сум, нема да се јават, а образложението ќе биде дека тие, прво, го немале мојот телефонски број, што е вистина (а во оваа „правна“ држава тоа е особено тешко да се добие!), и второ, бидејќи (наводно) не можат да ме најдат (што беше пракса во сите случаи на ЈО, СЈО и другите во изминативе години), тие нема да покренат никаква постапка заради тоа што, нели, немаат никакви конкретни сознанија. Да ги имаа, ќе беше друга приказна. Освен нечие, тоест мое јавно обвинување – а јас сум, нели, недостапен, а можеби и некомпетентен, којзнае? – за некакво кршење на некакви fucking закони во оваа правна вукојебина. Дури ни фактот што некои од тие надлежни „институции“ „работат“ во една од тие дивоградби од времето на „Скопје 2014“ не мора ништо да значи. Од каде пак тие тоа би го знаеле?
Впрочем, во таква иста, дури уште поголема, работи и Владата на Северна Република Македонија! Оттука, мојот ДОПРЕН ГЛАС нема да биде никаков глас, или ќе биде шуплив глас во пустина, оваква – македонска, ако јас, сега и овде, не им образложам што всушност тие треба да прават. Фактот дека некој/некои тоа им го објаснуваа(т) веќе неколку години во континуитет односно откога и започна ова криминално лудило викано „Скопје 2014“, ним ништо не им значи. Сега тие се нова „институција“, иако со старо име и стари вработени, оние истите кои верно – потенцирам ВЕРНО – му служеа и на фашизоиднион режим кој што де факто ни го смести ова гламурозно ступидно чудовиште среде градов. И тогаш – каква акција да очекувате токму од тие „институции“? Нормална, професионална, непристрасна, стручна …? Причам ти причу, велат Србите.
Но, за да потписникот на овие редови си го задржи актуелниот и очигледно добро наметнат од некого статус на кавгаџија со надлежните „институции“, јас ќе продолжам со оваа тема односно ќе им приведам барем два битни елементи поради кои што тие македонски „институции“, кои и да се, конечно МОРААТ да постапат (и) по овој предмет. Првиот, секако, е отстранувањето на споменикот на оној несреќник Ќосето. И тоа е, или требаше да биде, доволен сигнал дека нешто не е во ред и со другите од таа „плејада“ споменичари распоредени низ централното градско подрачје. Или надлежните „институции“ сметаат дека тој споменик беше отстранет заради нечиј ќеф, на Шилегов или некој друг, или можеби поради естетски причини (иако, дури и да беше така ќе беше во ред!), или … ? Но, проблемот е што никој кај нас не знае дали воопшто надлежните мислат нешто во оваа насока, или не?
Или, уште подобро, а за да си заштедам малку труд, токму пред неколку дена и баш во контекстот на фамозниот ни Аце Македонски, сега прекрстен во Велики, почитуваниот г-дин Грчев јавно објави еден текст потсетувајќи ги сите фактори – Влада, Собрание, „институции“ – на грото од перфидно и криминално прекршени закони во однос на постапката за подигање на тој чудовишен споменик кој што оваа северномакедонска Влада сака да го официјализира само со една лепенка, патем префрлувајќи ни ја вината нам, на граѓаните на Скопје и на Северна Македонија, демек ние, немајќи попаметна работа или пак идеја како да ги арчиме нашите пари, сме му го подигнале овој паметник на Ацета. Само – под друго име!
Извинете, но си мислам: твоја држава, твоја Влада, твои „институции“ … да те прават толку недоветен, толку глупав, таков идиот … не сум видел сличен пример. Онаа будимпештанска бараба ни го правеше истото, не’ гледаше како дебили чии што пари треба да си ги троши како нему ќе му падне на памет, а ние – дебилите, нели – само ќе ракоплескаме. Што и правевме, го признавале тоа или не. Или – го правеа, ама ние односно вие (кој ќе се препознае, негов проблем!) не превзедовте ништо. Зошто приказните во оваа Македонија, без оглед на префиксот, историски се повторуваат? Повторно друг ли ни е виновен?
Како и да е, за да не се мачам ни јас повеќе од неопходното, на надлежните, како доказ, за Ацета, а тие малку нека доистражат за другите, им го посочувам текстот на г-дин Мирослав Грчев, објавен во „Слободен печат“, во изданието од 24-25 август, под наслов „Софрата приведена, фотелјата на распит, Александар сѐ уште во бегство!“. Таму се содржани генералните упатства за криминалот направен со поставувањето на (тој) „споменик“, а тие – надлежните „институции“ – треба само да ги препишуваат и за повеќето од останатите од „Скопје 2014“. Или и тоа им е тешко, и тоа ли не знаат да го направат? Е па извинете, ама тогаш што ние очекуваме од нив, од тие „институции“, или всушност прашањето треба да биде обратно: зошто ние треба да ги плаќаме токму тие и такви „институции“ ако тое не ги исполнуваат нашите очекувања? Башка што ги плаќаме како да се некакви европски експерти, башка што користат бенефиции какви што ниту еден нормален – потенцирам: нормален – во оваа земја ги нема?
Што уште им недостасува на овие – ајде да не ги именувам секој одделно – а што не го добиле, а го добива некој друг нормален (потенцирам: нормален!) граѓанин на оваа земја? Што уште треба да им дадеме за да почнат да работат? Дајте кажете, сите поименично, од Јовевски надолу. Ако посочениот текст ви е малку, ако сето она што го пишува(в)ме низ годиниве ви е малку … што уште ви треба? Или треба некој друг да ја заврши „валканата“ работа за вас? Да? Ама – и тоа е направено. Или вие ни тоа не го знаете? А што впрочем знаете, се прашува секој иоле нормален граѓанин на оваа земја? Ако не знаете, не гледате што ви стои пред носот, како ова „Скопје 2014“, тогаш како по ѓаволите ќе решавате случаи што не ги гледате?
Затоа, уште еднаш, за да нема недоразбирања: сите докази, формални и фактички, се наоѓаат пред тие „институции“, досега биле објавувани стопати низ текстови на сериозни луѓе кои знаеле / знаат што говорат. Понатаму, сите истражувања направени во нивна полза (сакам да кажам во полза на годините што сте ги преспале, а сепак примале сериозни плати за спиењето) се наоѓаат во сите релевантни институции на државата: Општина Центар, Град Скопје, Министерство за култура, Влада на (С)РМ … ! Што повеќе им треба? Некој докрај да им ја заврши работата односно да седне да ги напише обвиненијата, едно по едно? Е па таква будала сѐ уште не се родила, па за тоа ќе мораат самите барем малку да се помачат. Инаку, за што всушност ги заработуваат тие пари што секој месец, редовно, на први, ги носат дома?
Да, претпоставувам, ќе се најде некоја будала и ова да го преврти во напад на македонските институции, на Владата, на државата … Такви кај нас секогаш имало, и ќе има. Ама тие секогаш, по правило, и историски факти, биле на спротивната страна на правдата, на вистината. Тоа што во моментов се некаде тука, околу власта, па дури и во неа, не е никакво алиби. Тоа се истите (не)луѓе, оние од времето на груевизмот но кои што успеале да се камуфлираат, да се прикријат, да се преоблечат. И ги има многу, премногу. А оваа власт очигледно им верува, иако никој нормален не знае зошто. А токму тие се едните од онаа банда со крвави раце, кои што сега пренесуваат искуства и делат совети на некои нивни близнаци. Сеедно, ако тие треба да ја диктираат политиката / политиките во оваа држава, па и оваа за „Скопје 2014“, so be it! Но немојте утре да кажете дека ете, во жарто на евроинтеграциите, се заборави ова-она, се пропуштија низа работи, некои застареа … Тоа одамна веќе – не игра!