Комисиска расправа за Законот за ЈО, но и за планот Б

136

Во Собранието денеска треба да почне комисиската расправа за Предлог законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО, а за кој Парламентот во вторникот одлучи да се носи по скратена постапка. На седницата на матичната Комисија за европски прашања, на дневен ред е и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, кој што исто така ќе се носи по скратена постапка.

Министерката за правда Рената Дескоска во вторникот, во изјава за медиумите дадена по изгласувањето на потребата од донесување на овој закон по скратена постапка, најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за Советот на јавни обвинители, кој се носи со 61 глас.

Премиерот Зоран Заев по вчерашната посета на рудникот „Бучим“ во Радовиш, изјави дека најздравото решение за обвинителството е ако законот се донесе со консензус, при тоа оценувајќи дека министерката за правда Дескоска со изјавата за планот Б за обвинителство не кажала ништо ново.

– Никој не посакува да бараме решение така притиснати од време, сите седнати на маса, политичарите, парламентарците и сите да изнаоѓаме решение. Затоа секогаш постојат алтернативи, со кои можат да се најдат решенија. Но, најздраво решение е она коешто со консензус ќе го донесеме сите, како што пропишал уставотворецот, законодавецот со најмалку две третини. Јас верувам дека со консензус е возможно тоа да се донесе, се со конечна цел и овој значаен сегмент од правосудството – јавната обвинителска дејност да ја гарантираме во иднина – вели Заев.

Со цел јакнење на капацитетите на судската власт, Заев кажа дека со ребалансот на буџетот предвидени се 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра да се исплатат на судиите, коишто имаат побарувања од 2016 година, а за обвинителството оваа сума е 93 милиони денари. Заев додаде дека со планирањето на новиот буџет за 2020 година се прават и анализи за зголемување на коефициентот за вработените во судството. Заев истакна дека демократските процеси одат рака под рока со демократските чинители, затоа се и власта, опозицијата, Владата и Парламентот.

– Верувам дека овие преостанати неколку дена ќе не направат доволно мудри и одговорни сите, да бидеме одговорни пред граѓаните и да го усвоиме со консензус законот за јавно обвинителство – рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, на новинарско прашање во врска со изјавата на Дескоска дека доколку нема двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, можно е измените да се донесат преку Законот за Советот на јавни обвинители, со став дека кај неа гледа желба за освета и омраза кон ВМРО-ДПМНЕ и оти министерката треба да си поднесе оставка.

– Таа со нејзината прес-конференција наместо да искористи прилика да се извини на граѓаните на Република Македонија поради оние непримерни моменти прегрнувања и непосредности со познатото лице Боки тредичи да даде неотпвиклива оставка. Гледаме дека она не само што тоа не го направи туку напротив повикува и на омраза и освета кон опозицијата не водејќи сметка да направи реформи во правосудството неводејќи сметка да направи реформи во обвинителството, нејзина единствена цел е како да се најде начин да се пресмета со политичките неистомисленици – рече Мицкоски при посетата на Берово.

Според власта, главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите што ги води СЈО.

– Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Специјалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската унија – изјави Дескоска.

Пратеникот Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ завчера побара од министерката за правда да си поднесе оставка. По изгласувањето на одлуката Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка, Милошоски во собраниската прес-сала изјави дека во мандатот на Дескоска има најголем политички и судски скандал.

Според него, се злоупотребува европското знаменце за да се донесе Предлог-законот за јавно обвинителство. Сепак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во амандманската расправа по предложеното законско решение. Повтори дека судските процеси на СЈО треба да продолжат, но оти како партија сметаат дека треба да се почитува постоечкиот закон на СЈО каде, како што рече, пишува дека мандантот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалната обвинителка. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.

Со Предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителствоза гонење организиран криминал и висока корупција.

Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.

Во однос на јавниот обвинител кој раководи со СЈО, се наведува, по завршувањето на мандатот се применува член 68 ставот (4) од овој закон (Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока  корупција кој нема да биде повторно избран, Советот на јавни обвинители на РСМ го распоредува за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија). Инаку, Советот за јавни обвинители, денеска ќе цени дали ќе започне постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментов е во притвор во затворот Скопје за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Воедно, јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој се избрани, а јавните обвинители во СЈО до истекот на петте години од денот на нивниот избор.

Со денот на отпочнување на примената на овој закон, вработените во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и вработените во СЈО се прераспоредуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција на соодветни работни места согласно со нивните претходно стекнати звања и работни места. Истото се однесува и за истражителите што се доделени на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и на Јавниот обвинител на СЈО кои продолжуваат да ги вршат своите активности во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а архивата, материјалните средства и опремата кои ги користи и поседуваат ОЈО за организиран криминал и корупција и СЈО, исто така преминуваат како материјални средства и опрема на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција со право да ги користи и да располага со нив.

Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември годинава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...