САД не се согласија на Бразил да му се дадат 20 милиони американски долари како итна помош од Г-7 за борба против пожарите во Амазонија, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност, Герет Маркиз.
Во изјавата на портпаролот испратена по е-пошта се вели дека САД се подготвени да му помогнат на Бразил да се бори против пожарите и наведува дека тоа е најдобро да се направи во координација со бразилската влада.
САД не се согласуваат со заедничката иницијатива Г7, која не била консултирана со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, се вели во соопштението.
Трамп не учествуваше на состаноците на лидерите на Г7 за биолошката разновидност и климата, а францускиот претседател Емануел Макрон го објасни отсуството со други заложби, но додаде дека неговиот тим бил во салата.
Бразилскиот претседател вчера изјави дека земјите од Јужна Америка ќе одржат состанок во септември на кој ќе разговараат и за зачувувањето и развојот на регионот.
ФОТО: EPA / JOEDSON ALVES