Шефот на државата, кој денеска е во посета на Македонска Каменица, додаде дека според информациите со кои располага, нема владино мешање за тоа во која насока да оди истрагата за оваа афера и дека немало заплашувања од страна на политички функционери до одредени сведоци да даваат информации за случајот.
Тој изјавил:
– Моја работа како претседател не е да ја коментирам секоја фаза од случајот „Рекет“, сё додека законската процедура со постапката за овој случај не покаже некои видливи моменти за кои потоа ќе можеме да дадеме оценка како политичари.
За Пендаровски е важно, како што пренесе МИА, што работата околу процедуралниот колосек, како што рече, „тргнала“, а понатаму се останува на истражните органи.
– Пред две недели на прес – конференција јас повикав да се забрза постапката од истражните органи. Следејки ги барањата на граѓаните и знаејќи дека се соочуваме со голема афера, која ја става на тест целокупната правна држава, апелирав да тоа биде побрзо и поефикасно, а понатаму знаете дека не е моја надлежност. Видовме неколку битни активности во таа процесна смисла и понатаму се останува на надлежните органи, изјави Пендаровски.
Повтори дека тој и сите политичари, сакаат да видат брза истрага во која нема да се чувствуваат странични влијанија, ниту, истакна, евентуално влијание од политичарите.
На прашањето колку институциите во државата можат да обезбедат нормални услови за делување за овој случај, Пендаровски рече дека како претседател не му паѓа на памет да се меша во работата на кого било поврзан со овој случај.
– До овој момент од сите информации што ги имаме од надлежните структури, исто така нема никакво политичко мешање во која насока да оди оваа истрага, барем тоа до овој момент ми е познато. Во делот на бизнис-заедницата веќе неколку бизнисмени дадоа изјави дека тие немале проблеми, што значи дека работите се движат. Барем во овој момент, никој не може да каже дека од страна на политиката некој е заплашен да не пријавува такви случаи на коруптивно однесување ако го имало, така што од страна на политиката амбиентот е направен. Јас ви гарантиран за мене и во иднина тоа ќе биде така, затоа што јас не можам да замислам да правам нешто што никогаш во животот не сум го правел и што не е моја работа, бидејки граѓаните не ме плаќаат да ги притискам судските органи, не ме плаќаат да се мешам во нивната работа, дециден е претседателот на државата.
Според него, постои амбиент во кој државата не се меша во работата на судовите и обвинителствата и тоа така и ќе остане.
Претседателот Пендаровски во врска со идејата на Алијанса на Албанците за специјален јавен обвинител странец, тој се осврна на 2006 година кога, вели, имаше идеја за државен јавен обвинител странец.
– Толкувањето на правниците во тоа време беше дека тоа не е можно. Во принцип никогаш не сум имал проблем со вмешувањето на странците ако се компетенти и стручни во која било област. Конечно гледаме дека има само позитивно влијание од вмешувањето на странските политичари, ЕУ, НАТО, пријателски држави. Не знам дали е тоа можно, принципиелно говорејќи би сакал да видам вклученост на стрaнски стручни лица во поддршка на нашиот правосуден систем, изјави Пендаровски.
Претседателот Пендаровски денеска го честиташе Денот на рударите и Денот на општина Македонска Kаменица, а на православните христијани им го честиташе празникот Успение на пресвета Богородица.
Денеска, изјави, сме во една од најуспешните компании, која е специфична по многу нешта, компанијата е еден од најголемите двигатели на економскиот развој во овој регион, но во исто време ги запазува и највисоките еколошки стандарди и води исклучително сметка и за своите вработени.
„Рудникот Саса е компанија која прва во својата област ги доби сите сертификати за заштита на вработените и за заштита на човековата околина. Во ова време кога сите трчаат по профит, сите треба да го следат нивниот пример. Драго ми е што во Република Северна Македонија има компанија која работи по највисоките светски стандарди и која се грижи за заштита на човековата средина, за вработените и за локалната заедница. Вакви примери ни требаат што повеќе. Да им оддадеме признание и апелирам да бидат пример и за другите“, изјави претседателот Стево Пендаровски.