Господине Жбогар, ријалити шоуто беше пред Вашиот нос, само не сакавте да го видите!

Помогнете ни, Ваша екселенцијо, ама на тој начин што заедно со нас ќе барате брза, ефикасна и сеопфатна истрага, како и политичка одговорност за аферата „Рекет“. А не и Вие да заговарате скандалот да се релативизира и да се бара одговорност кај сите, само не кај луѓето кои се најодговорни за состојбите во земјата. Тоа не е баш европски и би можело да значи вовед во едно ново ријалити шоу, чиј наслов би можел да биде „1984“.

12786

Ваша екселенцијо, амбасадоре Самуел Жбогар, веројатно и самите немате претстава колку сте во право што аферата „Рекет“ ја нарековте едно големо ријалити шоу. Ве уверувам дека луѓето во Македонија, како и Вие, се мошне загрижени, но уште повеќе, се и згрозени од ова што ни се случува. Можеби за ЕУ, чиј претставник сте Вие, справувањето со овој скандал нема да стане бенчмарк за почетокот на пристапните преговори што сите желно ги очекуваме, но веројатно сте свесни дека за нашата земја оваа афера е најсериозен тест за волјата и за способноста на оваа власт да се справи со високата корупција.

Кога веќе спомнувате ријалити шоу, а патем речено го именувате и со добро познатиот бренд „Биг брадер“, би се осмелил да Ви укажам дека се потребни неколку важни допрецизирања и појаснувања на Вашата изјава. Таа духовита опаска за името на ова наше ријалити шоу веројатно произлегува од аналогијата со учеството на еден од главните актери на аферата, осомничениот Бојан Јoвановски, во истоименското српско телевизиско шоу „Велики брат“. Еве, да погледнеме еден детаљ од тоа шоу, со нашата позната ѕвезда во главната улога:

Но, на Боки 13-ка ќе се навратиме малку подоцна. Сега е редно да кажеме дека вистинското ријалити шоу во Македонија, амбасадоре Жбогар, почна со изборот на Катица Јанева за шефица на Специјалното јавно обвинителство, институцијата што доби огромна домашна и меѓународна поддршка, логистика и буџет, за да го обели валканиот образ на македонското правосудство. Во тоа време, бевме малкумина кои предупредивме дека изборот на Јанева, со нејзиниот скромен просек на Правниот факултет во Скопје, со нејзиното скромно искуство во правосудството и со нејзината паланечка појавност, беше силен удар под појас за многу македонски судии, обвинители, адвокати и угледни правници, кои можеа да бидат избрани на нејзината позиција. Се сеќавам на потсмешливите белешки со кои го коментиравме протестот на професорот Гордан Калајџиев, на пример. Јас, иако за Катица имам лошо мислење од првиот ден, до ден денешен се срамам поради тоа што тогаш професорот Калајџиев го осудивме за малициозност и за повредена суета.

Првиот јавен настап на Катица Јанева, во свадбарска чипка и со свадбарски говор, беше само првата секвенца на големото ријалити шоу, кое го опфати целото СЈО. Челните фаци преку ноќ станаа естрадни фаци, дел од скопскиот џет сет, ѕвезди за позирање за селфи фотки за Фејсбук и Инстаграм. Зошто сето тоа не Ви изгледаше барем малку сомнително и неприкладно, амбасадоре Жбогар? Можно ли е такво нешто да се случи во Вашата прекрасна Словенија? И дали до Вас не допираа гласините дека во бекстејџот на тоа наше ријалити шоу, всушност, се одвива погубен процес на одлевање на „бомбите“ на Заев и нивна опасна злоупотреба?

Сега, кога Катица Јанева е притворена и осомничена за сериозен криминал, од Брисел ни стасуваат пораки дека за Европската унија не биле важни личностите, туку биле важни институциите. Демек, не била важна Јанева, било важно СЈО. Навистина? Ако е така, можете ли да ни објасните врз основа на што токму госпоѓа Катица Јанева, во 2017 година, од словенечкиот институт ИФИМЕС, доби признание за „најдобар обвинител на Балканот“?

Ваша екселенцијо, дали сте ја гледале трилогијата „Трите“, филмот за „трите грации“ дојдени „од три страни на Македонија“, продуциран за да го засили имиџот на СЈО? Сакате да Ви раскажувам сцени од филмот? Не, ве уверувам дека не сакате. Ве молам, погледнете го сега, ако сте го пропуштиле. Па да видите самите што е тоа долгометражно ријалити шоу! Јас се срамев додека го гледав тој видео-производ, како што се срамев и кога ги гледав пропагандните видео-спотови, кои ја храбреа јавноста дека СЈО прекутрупа, со еден удар, ќе се справи со криминалот. Како овој спот, на пример:

Во ред, разбирам, Вие сте презафатен човек и можеби не сте успеале да ги видите овие прапочетоци на големото ријалити шоу, кому сепак повеќе му прилега името „Големите три сестри“, или скратено „Биг систерс“. Денес, кога и Обвинителството за организиран криминал официјално се сомнева во чесноста на славната и воспеана Катица Јанева, кога е помалку или повеќе јасно дека „најдобрата јавна обвинителка на Балканот“ била дел од опасна рекетарска мрежа, веројатно чудно Ви звучи одбивањето на госпоѓата обвинителка дури и да размислува за нејзиното евентуално сменување. А овој телевизиски прилог и нејзината чудовишна изјава требало сериозно да Ве замислат, амбасадоре:

Во меѓувреме, Ваша екселенцијо, македонската ѕвезда во српското ријалити шоу „Велики брат“, по чудни канали – за кои допрва ќе стане збор, о да, тоа нема да може да се премолчи! – се појавува во Македонија со имиџот на голем хуманист. Човекот покренува нова телевизија, смислува некаков фиктивен хуманитарен проект за помош на возрасни лица (тоа секогаш пали, нели) и веднаш добива силна политичка поддршка. Што јасно може да се види од овој фото колаж:

Погледнете го видеото од прославата на 1ТВ и ќе видите што е вистинско ријалити шоу, со учество на главните ѕвезди од македонската политичка сцена (внимателно гледајте, да не утнете некого):

Амбасадoре Жбогар, ова се случува во нашата земја во време кога некој од државниот врв мора да бил запознаен со бекграундот на осомничениот Бојан Јовановски, со неговото досие за судски спорови за измами, со фактот дека човекот нема ни трансакциска сметка, но и со неговите нови рекетарски подвизи, кои во времето кога е снимена оваа снимка веќе земаат голем замав, а видни личности од СДСМ, ако ништо друго, се информирани за тие активности. Некои и ги овозможуваат.

Во ова време, главната од „трите сестри“, Катица Јанева, веќе е во голема љубов„ со Боки Тредичи. Според основаните сомневања на Обвинителството, тие заедно рекетираат. Се тврди дека за ова премиерот Зоран Заев знаел во април годинава, бизнисменот Камчев пријавил во почетокот на мај, јас пишував во јуни, а моите колеги во јули, кога двајца осомничени ќе се најдат зад решетки. Па зарем дури сега, на крајот на август, Вие се сетивте дека аферата наликува на едно големо ријалити шоу? А што беше пред тоа, да не беше опера или концерт на Македонската филхармонија?

Ваша ексленцијо, амбасадоре Самуел Жбогар, луѓето во мојата земја се вознемирени и згрозени од ова шоу, од активностите на неморални ликови што биле славени како успешни и влијателни, а се занимавале со уцени, рекетирање и перење пари. Граѓаните на Македонија се лути поради индолентноста и на власта, но и на институциите на меѓународната заедница, кои молчеле за индициите дека пред нивниот нос се случува страшен криминал.

Редно е тоа да се признае, за никогаш веќе да не ни се повтори ваков скандал. Го сакале тоа некои или не, македонската јавност допрва ќе врши силен притисок за расветлување на сите аспекти (правни, политички, морални) на оваа афера. Од тоа нема бегање! На луѓето во Македонија, кои наивно поверуваа дека конечно добиле цврст лост на кој може да се потпрат во потрагата по мир и правда, ќе им биде потребно долго време да се опорават од овој шок.

Помогнете ни, Ваша екселенцијо, амбасадоре Жбогар, ама на тој начин што заедно со нас ќе барате брза, ефикасна и сеопфатна истрага, како и политичка одговорност за аферата „Рекет“. А не и Вие да заговарате скандалот да се релативизира и да се бара одговорност кај сите, само не кај луѓето кои се најодговорни за состојбите во земјата. Тоа не е баш европски и би можело да значи вовед во едно ново ријалити шоу, чиј наслов би можело да биде „1984“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...