Нашите позиции, како и позициите на нашите партнери се познати во однос на политиката што ја следиме за Западен Балкан и за соседите, рече портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето дали Договорот од Преспа е тема на средбите на грчкиот премиер како на онаа во Париз минатата седмица со Макрон, така и на следната во Берлин со Меркел, јави дописничката на МИА од Атина.
Пецас рече дека тие ја имаат кажано политиката што ќе ја следат за Западен Балкан и за нивните соседи.
– Мислам дека никого не изненадуваме со нашиот став. Нашиот став и нашата позиција се познати, како и на нашите партнери – рече Пецас.
Мицотакис задутре заминува за Берлин каде што ќе оствари средба со германската канцеларка Ангела Меркел и со заменикот канцелар и министер за финансии Олаф Шолц.
– На агендата разговори вклучени се економијата, бегалското/мигрантското прашање, како и привлекување инвестиции со акцентот на енергетиката – рече Пецас.
На новинарско прашање дали на средбата Меркел-Мицотакис ќе стане збор и за турските провокации, Пецас одговори дека „на ваквите средби се разговара за сите билатерални и меѓународни теми“ и додаде дека „секако ќе се разговара и за ова прашање“.
Во однос на минатонеделната средба во Париз на грчкиот премиер со францускиот претседател Емануел Макрон, портпаролот на владата на Грција рече дека била одржана во одлична клима.