Американската новинарка Дороти Томсон е една од најмоќните жени во САД пред Втората светска војна. Заедно со далеку попопуларната Елеонор Рузвелт. Во триесеттите години, Томсон води „крстоносна војна“ со перото против Хитлер и има многу причини да го мрази. Во тоа време, таа е дописничка од Берлин и со свои очи го гледа раѓањето на неговиот насилнички режим. Во 1934 година, Фирерот ја брка од Германија. Многу години подоцна, Томсон сепак ќе напише: „Мирот не е отсуство на конфликт, туку присуство на креативни алтернативи, како одговор на конфликтот – алтернативи на пасивните или на агресивните одговори, алтернативи на насилството“.
Што ја натерало Дороти Томсон, големиот борец против фашизмот, после една страшна војна во која режимот на Хитлер е совладан на единствениот можен начин (по цена од 60 милиони жртви и огромни разурнувања во Европа), да размислува за „алтернативи на насилството“? Нејзините биографи ќе оценат дека Томсон влегла во нова, поствоена агенда. Јас не мислам така. Се сомневам дека во мислите била блиска со идеологот на ненасилството Ганди (во годините на војната, тој е во домашен притвор). Се сомневам дека и самата дошла до големото откритие на нејзиниот современик Херман Хесе, кој ќе напише: „Мразејќи го другиот, мразиме нешто во него што е дел од нас“.
Напишав одамна, повторив неколку пати и немам причина тоа да не го кажам уште еднаш – Никола Груевски е најлошото нешто што ѝ се случило на Македонија од 1945 година до денес. Јас, мојот пријател Владимир Милчин и уште неколкумина (покојниот Роберто Беличанец, на пример), режимот на Груевски го нарековме со негово вистинско име – фашистички! – уште во 2008 година. На една средба со претставници на амбасадата на САД (Милчин сигурно се сеќава на тоа), бевме дури и критикувани поради нашата остра реторика. Жестината со која со перо и збор ја водевме битката против тој режим суштински не се разликува од жестината со која Дороти Томсон ја води својата осаменичка битка да ја убеди американската јавност во вистинската природа на Хитлеровиот режим.
Чудно, но после падот на Груевски и по промената на власта, јас се соочив со истите дилеми што се обидува да ги разреши Томсон. Мислам дека станав свесен за неспорната вистина дека омразата кон другиот сепак води кон омраза на нешто во него што е дел од мене и дел од сите нас. Тоа „нешто“ веднаш ни се разоткри во сиот свој „раскош“ по промената на власта – изблици на популизам, авторитарна свест, спремност на новата елита со иста жестина и агресија да се брани себеси од критика и од различно мислење, одлучност на власта целата своја ботовска машинерија да ја предизајнира во една наша, македонска верзија на Милграмовата машина, заради казнување на сите кои размислуваат за било какви алтернативи и за нијанси воопшто.
За неинформираните, да објаснам што е тоа Милграмова шок-машина.
Во 1961 и 1962 година, на Универзитетот „Јејл“ во САД, е изведен експеримент што ќе го возбуди светот на науката. Психологот Стенли Милграм ќе натера неверојатни 65 отсто од своите испитаници, обични жители на гратчето Њу Хејвн, да му дадат електрошокови од 450 волти на еден невин човек. Луѓето се свесни дека тој човек не сторил ништо за да заслужи таква казна, но сепак го казнуваат, покорувајќи им се на наредбите на научничките авторитети и верувајќи дека наредбодавците се одговорни за таа, со ништо непредизвикана суровост.
Се разбира, „жртвата“ на тој експеримент е добро извежбан актер, а електрошоковите не се вистински. Но, испитаниците тоа го дознаваат дури на крајот на експериментот. За време на изведувањето, актерот уверливо вреска и ги моли да не го повредуваат, а тие сепак упорно му давааат болни електрошокови. „Исчезнувањето на чувството за одговорност е најдалекусежната последица на подлегнувањето на авторитетите”, заклучува контроверзниот Милграм.
Милграмовата шок-машина денес е своевидна музејска атракција во Универзитетот во Акрон, САД. Такви експерименти веќе не се изведуваат. Но, некои психолози веруваат дека слични експерименти и денес би ги потврдиле наодите на Милграм. Мнозинството од луѓето доброволно стануваат дел од еден систем на одлучување кој не е ништо друго освен една современа шок-машина, чие „погонско гориво“ е префрлањето на одговорноста на „повисоките“ авторитети, во име на „повисоката цел“.
Ботовската багра што ја брани власта во Македонија (подобро речено, мисли дека ја брани, а всушност ја упропастува) несомнено наликува на Милграмовата шок-машина. Не сакам за тоа директно да ги обвинам тужибабите од власта, но факт е дека стотици и стотици луѓе доброволно се откажуваат од одговорноста во име на повисокиот „авторитет“ и во име на „каузата“, па одлучуваат да бидат насилници. Засега само вербални. Здружени и добро организирани, се чувствуваат помалку одговорни за сопствената злоба, за агресијата, за нечовечноста со која ги напаѓаат и ги казнуваат оние што мислат поинаку. Истата шок-машина беше во функција и за време на владеењето на режимот на Груевски (разликите се прашање на нијанси), сменети се само насилниците и жртвите. Патем речено, во реалниот живот жртвите не се актери, туку вистински, обични луѓе, чија единствена вина е што се осмелиле да размислуваат за алтернативи и да ја изразат својата различност во било кој поглед.
Ги чувствувам болните електрошокови. Го гледам задоволство на оние што го притискаат копчето, мислејќи дека прават нешто добро, нешто за што ќе бидат пофалени и наградени. Ме следат циничните насмевки на тие што се убедени дека баш сега најслатко се смеат, зашто последни се смеат. Но, не е така. Брехт вели: „Кој последен се смее, сѐ уште не ја слушнал лошата вест“. А лошата вест за ботовите е дека напредокот не е дело на оние 65 отсто Милграмови испитаници кои слепо веруваат во „авторитетот“ и во „повисоката цел“.
Во таа 2008 година што ја спомнав, кога бевме поосамени од било кога, верував дека вистината мора да победи. Сега, после тоа болно искуство, немам дилеми дека оние 35 отсто што се трудат да не бидат послушни шрафчиња во Милграмовата шок-машина, туку да демонстрираат храброст и одговорност, неминово ќе победат. И тоа ќе се случи многу брзо. Сме им го виделе ние грбот на многу лажни пророци, големџии и насилници, ќе им го видиме и на овие.
ПС. Се плашам да не паднам во депресија. Имено, слушнав најнова дефиниција за тоа што е депресија – отсуство на способност да се порадуваш на несреќата на другите луѓе. Ова тужибабиве се копрцаат во сопствената немоќ, а јас уште и ги жалам.