Скопјани кои оствариле услови за остварување пензија, но сѐ уште не добиле решение за пензионирање, реагираат дека поминале и повеќе од два месеца од денот кога го доставиле барањето во Фондот на пензиското и инвалидско осигурување. Нивната најчеста дилема, освен првата пензија која со нетрпение ја очекуваат, е што ако во меѓувреме им затреба лекарска услуга, а тие „висат“ помеѓу двата фонда – не се веќе осигуреници на Фондот за здравство, бидејќи поминале два месеца од последниот работен ден, но не се запишани ни како пензионери во другиот Фонд.
– Еве уште на 21 јуни подадов документи за одење во пензија. Но сега сме веќе 27 август, а јас ништо немам добиено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување… Зошто им треба толку време да донесат решение? Ајде и да почекаме малку, во ред, но загрижен сум што доколку во меѓувреме ми треба лекарска услуга? Ме исплаши пријател дека имал проблеми кога отишол на лекар – му барале приватно да си плати зашто веќе не бил вработен, но не станал ниту пензионер. Па бидејќи немал веќе здравствено осигурување, требало самиот да си плати за прегледот и снимањето, иако плаќал цел работен век. Мора во Фондот за пензиско малку да ги забрзаат постапките и побрзо да ги изготвуваат решенијата за пензија – реагира идниот пензионер од Скопје.
Два месеца идните пензионери ги користат правата преку ФЗО
Од Фондот за здравствено осигурување велат:
– Осигурените лица на кои им престанува работниот однос и започнуваат постапка за остварување на право на пензија, остануваат во основот во кој се пријавени како вработени и имаат активно здравствено осигурување во рок од 60 дена, сметано од истекот на последниот ден за месецот за кој се плаќа придонесот во континуитет од страна на работодавецот. Со ова се овозможува осигурениците да ги користат правата од задолжително здравствено осигурување во горенаведениот рок и покрај тоа што сѐ уште не се стекнале со право на пензија. По остварување на правото на пензија, осигурениците се пријавуваат во здравственото осигурување по овој основ како пензионери – појаснуваат од ФЗОРСМ.
Решение за пензија за 30 или за 90 дена
Ако осигуреникот работел во странство или нема доволно стаж, велат од Фондот на пензиското и инвалидско осигурување дека решението стасува за 30 до 90 дена.
– Фондот на ПИОСМ го плаќа придонесот за здравствено осигурување за корисниците на пензија на Фондот на здравство од денот кога е остварено правото на пензија. Решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување донесува Фондот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на уредно барање – тврдат за Плусинфо од оваа институција.
Во врска со тоа зошто за некои случаи и подолго трае изготвување решение за пензионирање, од Фондот појаснуваат:
– Во случаите кога на донесувањето на решението му претходи утврдување на фактичка состојба во смисла на член 130 од законот (права врз основа на инвалидност), Фондот е должен да донесе решение најдоцна во рок од 50 дена од денот на поднесувањето на барањето. Решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување со примена на одредбите на договори за социјално осигурување донесува Фондот, најдоцна во рок од 90 дена од денот на поднесување на барањето – велат од Фондот.
Оттаму додаваат дека рокот за донесување на решенија може да се надмине, во случаите кога се потребни дополнителни докази за утврдување на стаж, за платени придонеси, докази за стаж од странски носител на осигурување или дополнителна медицинска документација.
А во врска со тоа дали Фондот на ПИОМ е должен да ги подмири платените износи за лекување на осигуреникот, кој чека повеќе од 60 дена за да стане пензионер од Фондот на ПИОСМ нагласуваат „подмирување на платените обврски за лекување на осигуреникот се во надлежност на Фондот за здравствено осигурување“.
Инаку, во периодот од јануари до јули оваа година, донесени се вкупно 9.951 решенија за прво право на пензија.