Шилегов: Без поголеми штети од гасоводот кој минува низ Водно

Шилегов истакнал дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

698

„Студијата за валоризација на заштитеното подрачје парк – шума Водно“ доаѓа во моментот кога околу 90% од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно се завршени и кога 100% од дрвјата кои беа на трасата предвидена за гасовод се пресечени – може да заклучиме дека, освен помали проблеми, изградбата течеше во согласност со предвиденото и не се случија поголеми штети. Минатата година Градот беше на спротивставена страна во преговорите со Владата и со МЕР. Кога видовме дека измената на трасата за гасоводот е невозможна, поради финансиските и временските импликации врз гасификацијата во државата, го извадивме максималниот бенефит за граѓаните, ја намаливме и видоизменивме постојната траса и кога се уверив дека тоа е оптимумот што може да се постигне, се даде зелено светло да може да се изгради гасоводот. Токму поради потребата од постојана грижа за зеленилото и ревитализација на Водно изработена е оваа студија од страна на стручен тим, која укажува на потребата од заштита, но и од поквалитетно управување со парк-шумата Водно. Ова го изјави на денешната презентација градоначалникот Петре Шилегов.

Подрачјето на парк-шумата Водно како предел со посебни природни карактеристики, прогласено е за заштитено подрачје според Законот за заштита на природните реткости со Одлука за прогласување на планината Водно за парк-шума и нејзина заштита донесена од Собранието на Град Скопје донесена 1991 година.

– Поради потребата за зачувување на планината, односно заштита на биолошката разновидност, изработена е Студијата за валоризација на Парк-шумата „Водно“, во која главен акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поединечните видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. Оваа студија е најсеопфатен документ за Водно било кога направен. Досега, студија со вакви податоци и ваква валоризација овој град не добил и не изработил и токму заради тоа, според мене, откако ќе ја докорегираме и кога ќе биде предмет на донесување од Советот на Град Скопје ќе биде стратешки документ. Согласно оваа студија се препорачува формирање на две советодавни тела: советот на засегнати страни и научен совет. Во советот на засегнати страни предвидуваме да бидат вклучени единиците на локална самоуправа чија територија директно е засегната од заштитата на Водно, здруженија на граѓани од областа на заштитата на животната средина, подрачни единици на органите на државната управа, државни јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје и јавни претпријатија и установи чија дејност е поврзана со заштита на животната средина и зачувување на парк-шумата Водно. Во научниот совет се предлага да членуваат претставници на државни и локални установи, други правни лица регистрирани за вршење научноистражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност, како и лица кои самостојно вршат научно-истражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност – додаде Шилегов.

Тој истакна дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

– Минатиот период презедовме мерки за поздрава животна средина и почист простор за спорт и рекреација со тоа што во голема мера го намаливме движењето на возилата за време на викендите и празниците преку воведување скапо зонско паркирање на Водно. Во истиот период им овозможивме на граѓаните бесплатни автобуски линии до Средно Водно. Во летниот период преземаме и превентивни, едукативни активности за елиминирање на можноста за настанување шумски пожари. За жал, годинава имавме четири евидентирани пожари на падините на нашата планина. За среќа брзо и успешно се справивме со нив. Како идни активности на Градот во насока на зачувување на Водно е изработка на студијата за туристичко-рекреативен центар Водно и маркирање на постојни планинарски патеки на Водно и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со GPS. Особено внимание посветуваме на велосипедизмот и користењето на патеките од страна на пешаците и планинарите. Водно е клучно за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје и квалитетот на животната средина. Оваа градска администрација е во целост посветена на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина, со цел да овозможиме подобри услови за живот на сите. Тоа е наш приоритет, бидејќи нема ништо поважно од здравјето на граѓаните и нема ништо поважно од здравјето на нашите деца – нагласи Шилегов.

„Предмет на оваа студија е ревизија на постојната Студија за валоризација на природните вредности на Парк-шумата „Водно“ од 2009 година. Со оглед на тоа што во 2012 година МЖСПП донесе нов Правилник за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, извршено е нејзино ревидирање, односно пополнување со нови содржини согласно правилникот“, се наведува во соопштението.

Град Скопје го реализира проектот „Заштита на природното богатство и пејсаж на комплексот Водно, Сарај и Матка“ во рамките на проектот „Подобрување на управувањето на заштитените подрачја“ кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014 – 2020, а се спроведува од страна на УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Изготвувач на студијата е Унига Стил од Скопје.

Целта на проектот е да го подобри управувањето со заштитените подрачја на подрачјето на Град Скопје, преку воспоставување управувачка структура, постојан мониторинг на видовите и живеалиштата во заштитените подрачја и поддршка на одржливи форми на туризам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...