Судството веројатно сфаќа дека можеби ја има последната шанса да ја врати довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага на случајот „Рекет“, но и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа, и за тоа има целосна поддршка од наша страна, порача денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.
Жбогар кој зборуваше на форум во Стопанската комора, оцени дека случајот „Рекет“ е трансформиран во риалити шоу, а лажните вести и доведувањето во прашање на сѐ и сешто, станаа модус операнди во земјата.
Евроамбасадрот потенцира и дека острата реторика на политичарите што ја користат меѓусебно, но и во однос на судството, не само што ја еродира довербата кај граѓаните, туку и го труе општеството на кое очајно му треба, како што рече, помирување.
– Судскиот процес за кој сведочиме деновиве беше трансформиран од политиката и од некои домашни и странски медиуми во риалити шоу. Тие се обидоа да му ја преземат улогата на судството, да ја играат улогата на „поголемиот брат“, диктирајќи ги играчите внатре, во куќата, што е судството. Лажните вести и доведувањето во прашање на се и сешто, станаа модус операнди во земјата. Секој стана криминалец што значи дека криминалците станаа анонимни, сите се еднакви, сите се исти – истакна Жбогар во обраќањето на формуот за влијанието на владеењето на правото врз бизнисот.
Само ако покаже дека може да се справи со сите случаи на криминал и корупција, судството, нагласи евроамбасадорпот, може да ја врати довербата на граѓаните во него и во политиката.
– Мислам дека судството сфаќа дека можеби ја има последната шанса повторно да ја изгради довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага и процесуирање на случајот „Рекет“, како и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа и во тоа има целосна поддршка од наша страна – истакна Жбогар.
Уште еднаш подвлече и дека Европската унија базира на почитување на правилата и на законите и дека секој од елеемнтите во триаглоникот „граѓани – држава – судство“, мора да ја знае и точно ја игра својата улога. Во оваа врска, напомена, довербата е во центар.
– Кога граѓаните ќе почнат да веруваат дека системот не е еднаков за сите или кога политиката ќе почне да се меша и да притиска врз судството, тогаш гледаме ерозија на општеството кое базира на правила – потенцира Самуел Жбогар