Од 2008 година, според Обединетите нации, за прв пат во човековата историја урбаната популација во светот надминала 50% од вкупната популација на Земјата. И оваа тенденција е во постојан раст. Кај нас имаме интересна ситуација: според Државниот завод за статистика во Македонија има 34 градови и 1.749 села (состојба 01.07.2019). Според последниот попис (2002) Скопје имало 506.926 жители. Во овие седумнаесет години и во оваа македонска урбана експанзија таа бројка е сигурно за 50% поголема. Зборот ми е: во последниве десетина па и повеќе години не сме слушнале некој – особено не власта, која и да е – да се бави со овие бројки, со вакви истражувања, со вакви јавни старатегии. А тоа се најчувствителните, а поради тоа и потенцијално суштинските невралгични точки во развојот на една држава. Ама кого тоа кај нас го интересира?
Денешните мега-градови носат и мегаризици – во упропастувањето на природните ресурси, загадувањето, миграциите, социјалните проблеми, техничко-технолошките па и терористичките ризици итн. Градот е веројатно најсофистицираната современа машина која што ќе ја определи иднината на светот. Цивилизациите започнале со градовите, но можеби во нив/со нив веројатно и ќе завршат. Но, градот како феномен односно урбан конгломерат и неговите ресурси не припаѓаат на власта, која и да е, туку пред сѐ е право (и обврска, секако) на неговите жители. Власта е тука да ги сервисира и менаџира потребите (и желбите, се разбира, во границите на можното) на граѓаните, а не да реализира свои фантазмагории! Или, ако сакате, во градот се интринсично инкпорпорирани разни интереси, од јавни до приватни, но правото на град го имаат пред сѐ неговите жители. Токму поради тоа, односно бидејќи градот е базично „антрополошки предмет“, човечки хабитат во кој што се преплетуваат фактички и симболички интеракции тој бил истражуван безмалу од самата негова појава па до денес.
Но ние овде говориме (сепак) за нешто друго, за она што уште Лефевр (Анри), во доцните шеесетти години на минатиот век во книгата Le Droit a la ville, го нарекувал „право на град“ како можно псеудо-право на човекот односно, како што тој подобро го дефинира, како „право на урбан живот“! Неколку децении подоцна, суштината на тезите на Лефевр се преточени во таканаречената Светска повелба на правото на град, донесена на Светскиот урбан форум во Барцелона (2004). И тоа е четиво кое што би морал да го знае напамет не само секој градоначалник, на Скопје особено, туку и секоја централна власт, зашто јасно и прецизно ги формулира сите човекови права во рамките на градот како урбана средина.
Меѓу нив, на пример, во членот 2 точка 1, под насловот Демократско управување со градот, стои дека „Сите граѓани имаат право на директно или посредно учество во надзорот, планирањето и владеењето со градот за да се зголеми транспарентноста, ефикасноста и автономијата на локалната јавна управа и општествените организации. Сите граѓани имаат право на учество во планирањето, работата, надзорот, управувањето, обновата и подобрувањето на градовите“. Тезите на Лефевр, подоцна дополнети од многумина други (на пример проф. Дејвид Харви) и Светската повелба на правото на град многу бргу иницираат појава на т.н. Human Rights City односно градови што се грижат за човечките права на своите граѓани. Во Европа ги има неколку: Грац, Утрехт, Барцелона, Мадрид, Бихаќ, Виена, Лунд итн. (Патем, апропо обичајот на некои наши политичари надмено да нѐ подучуваат дека ние не сме Африка, токму во таа Африка има неколку вакви градови, и тоа во Гана, Кенија, Сенегал, Мали, Руанда и Јужна Африка!).
Е сега, се сеќава некој како, како гром од ведро небо, тресна онаа чуена „видео презентација“ за новото (фашистичко) Скопје наречено „Скопје 2014“? Со какво учество на граѓаните на овој град во планирањето, со каква транспарентност на властите околу целата таа квазиурбана скаламерија? И не само на граѓаните туку и на надлежните институции, особено Собранието на (тогашна) РМ, на пример, како единствено надлежно за еден голем дел од планираните активности? И на ставовите на тогашната опозиција – сегашна власт (градска и цецнтрална)? Не знам дали Скопје е потписник на Светската повелба на правото на град. Тоа треба да си го проверат градските власти. Но таа Повелба е можеби најшироката рамка низ која што треба да се посматра „Скопје 2014“ и нашиот денешен однос кон него. Велам најширока во смислата на некаква „филозофска“ диоптрија за жителот/граѓанинот како централната точка на градот. Не говорам за националните и локалните закони и правила, прекршени сите до еден со овој октроиран фашизоиден „проект“, за газењето на сите цивилизациски и демократски норми, за комплетното понижување не само на граѓаните на овој град туку и на целата држава. Градот, особено градовите како Скопје – Град на солидарноста – ја исполнува својата општествена функција само доколку на сите жители им гарантира целосно уживање во контекстот на културата, уметноста, урбанизмот, ако вложените средства на граѓаните се за нивна благосостојба и добробит, ако распределбата на средствата е во склад со културната и еколошката одржливост. Во кој сегмент од овие се вклопи она „Скопје 2014“ освен што успеа да иритира, разлути, згрози повеќе од 70% од неговите жители?
Јавните и приватните простори и сопственоста што им припаѓа на градот и неговите граѓани – вели цитираната Светската повелба – мора да се користат на начин што на прво место ќе го стави општествениот, културниот интерес како и зачувувањето на средината. Што од ова беше почитувано во „Скопје 2014“, чии интереси беа ставени на прво место? На една криминална политикантска врхушка која не само што успеа да украде речиси цела милијарда евра, туку и целосно да го смени идентитетот на градот?
Оттука, едно од прашањата што граѓаните на Скопје дефинитивно мора да го постават на власта, секоја власт, е: дали правото на град во Македонија им припаѓа само на политичарите?
Извор: Теодосиевски уметност