И Заев ќе сведочи за „Монструм“

1141

Со слушање на разговори доставени од СДСМ во СЈО кои се дел од „бомбите”, а предложени од Обвинителството како дополнителни докази, на 5 септември ќе продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година „Монструм“.

Судијата Огнен Ставрев на странките им предложи доколку сакаат неколку дена пред судењето да ги разгледаат транскриптите за да се подготвата за судењето.

Обвинителката Фатиме Фетаи истакна дека покрај овие разговори кои до специјалното јавно обвинителство беа доставени од страна на СДСМ, како дополнителни докази ќе бидат изведени и разговори кои ги добила на нејзиниот мобилен телефон, а биле испратени од други лица.

Во својство на сведок за „Монструм“ ќе биде повикан и премиерот Зоран Заев, најави обвинителката Фетаи откако еден од родителите на убиените момчиња побара појаснување дали сега ќе ги слушнат разговорите на „заштитените мечки“, односно оние разговори кои биле прогласени за државна тајна од редовното обвинителство. Тогаш тој се повика и на ветувањето на премиерот Заев, дека родителите ќе дознаат чии се заштитените броеви.

Кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...