Од речиси 17.000 невакцинирани деца, само уште 268 скопјанчиња останале без примена МРП вакцина со вонредната вакцинација која почна откако во декември лани беше прогласена епидемија на морбили. Во Скопје има најголем одѕив за вакцинација – досега 16.732 деца до 14 години ја примиле МРП вакцината, со што стапката на вакцинација достигна дури 99,5 отсто, а беше падната на помалку од 80 отсто до пред некој месец.
Епидемиолозите потврдуваат дека со ваков опфат сега сме на она ниво на имунизација кое било достигнато во поранешна Југославија, но напоменуваат дека во земјата останале уште 7.357 лица треба да се вакцинираат со МРП вакцина. Стапката на вакцинација во останатиот дел од државата е пониска од таа во Скопје и изнесува 98,1 отсто.
– Секако дека сме задоволни што се зголеми опфатот со вакцинација на повеќе од 95 отсто според податоците, а кој сега е на ниво на кое беше во поранешна Југославија, што се постигна со тоа што најголемиот дел од децата, особено од Скопје, се вакцинираа. Продолжуваме со исто темпо со мерките зашто надвор од Скопје останаа повеќе невакцинирани деца, повеќе од 7.000, а тоа е чувствителна популација и има опасност од натамошно ширење на заразата со морбили – вели д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје на РМ.
Тој појаснува дека секое невакцинирано лице продолжува да биде можен извор на зараза со морбили, заболување кое е меѓу најзаразните.
– Опасноста демне од тоа што поединечните случаи на деца кои не се вакцинирани може инфекцијата со морбили да ја пренесат и на повозрасни лица кои не ја прележале. Мали сипаници се меѓу заболувањата кои се најлесно преносливи, па кога едно лице ќе се разболи вирусот веднаш се пренесува на други невакцинирани лица или на оние кои не се комплетно заштитени. Не е исклучена можноста дека со почетокот на учебната година и со зголемување на бројот на контактите ќе има ризик од појава на зголемен број инфицирани со морбили, но за среќа, не со оној интензитет како што се случи од декември до неодамна. Затоа мора да се одржува високиот опфат со вакцинација, од над 96 отсто, бидејќи ако пак се пропуштат една-две генерации деца, тоа ќе се одрази негативно и повторно може да вивне епидемија на ова заразно заболување – нагласува д-р Микиќ.
Од Министерството за образование и наука потсетуваат дека без уредна потврда за примени сите вакцини, детето нема да биде запишано на училиште.