Европската Комисија смета дека на македонските политички сили е да изнајдат договор за замената на Катица Јанева во согласност со законот и потенцира дека нема никаква улога во овој процес.
– Воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство на Северна Македонија беше дел од Договорот од Пржино помеѓу сите главни политички партии во земјата – вели за МИА, Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕК.
Таа потсетува дека Собранието го усвои законот со кој се етаблира СЈО и ја назначи Катица Јанева на функцијата специјална јавна обвинителка.
– Нејзиниот заменик или заменичка ќе биде назначен согласно релевантните закони на Северна Македонија и Европската Унија немала и нема никаква улога во овој процес – додава портпаролката, запрашана за коментар околу дискусиите поврзани со процедурите за назначување на нов специјален јавен обвинител.
Европската Комисија не ги коментира јавно ниту деталите од преговорите помеѓу власта и опозицијата за иднината на СЈО, ниту случајот „Рекет“, но извори во оваа институција кои од блиску ги следат случувањата во Северна Македонија, за МИА велат дека она што е најважно за Брисел како и за земјите членки на ЕУ, е брза, но ефикасна и транспарентна истрага.
Ние не веруваме во личности, туку во институции, велат од Европската Комисија за МИА, на тоа секогаш сме инсистирале во нашите пораки и во нашите извештаи.
– Фактот што Катица Јанева е искомпромитирана не мора нужно да значи дека целата институција е искомпромитирана – сметаат во ЕК, но се разбира, велат, очекуваат истрагата за „Рекет“ да ги донесе потребните одговори на дилемите кои се појавија, на брз, ефикасен и транспарентен начин.
Дипломатите во Брисел и функционерите во Европската Комисија, како и јавноста во Македонија, се затекнати од аферата „Рекет“ и очекуваат непристрасна истрага, и решение за СЈО кое ќе овозможи да се врати довербата во судството и во правната држава во земјата.
Од ова во голем дел ќе зависи и одлуката за датумот за преговори за Северна Македонија која се очекува во октомври, потсетуваат во Брисел.