Полицајци во цивил, патролирале на Фестивалот за култура во Гетеборг, кога забележале жена како слободно пуши марихуана, и додека ѝ приоѓале, мажот, кој бил бо нејзино друштво, го зграпчил ќесето со марихуана, што го забележала и полицијата.
Како што се наведува, полицајците потоа се насочиле кон мажот со намера да го уапсат, меѓутоа, неколку моменти пред да му се приближат полицајците, се појавил галеб кој ја зел ќесичката и одлетал со неа, па така го однел и доказот.
Портпаролот на полицијата во Гетеборг, Стефан Густафсон, изјавил дека, според проценката на полицијата, во ќесичката имало околу десет грама канабис, меѓутоа, бидејќи немало докази, не е извршено апсење.
– Полицајците не очекуваа трети лица да се вмешаат. На тоа место има голем број галеби, а еден од нив ја видел својата шанса и ја зграпчил ќесичката. Полицајците само гледале како галебот исчезнува кон небото – рекол Густафсон.
Сепак, полицијата ја уапсила жената со џоинтот во рака, поради користење и поседување марихуана.
Во Шведска се во сила најстрогите закони за дрога, и според нив поседувањето на марихуана се казнува со висока парична казна и затвор до шест месеци.