Македонија до 17 април кога се очекува европскиот извештај за напредокот на земјава има други реформски приоритети, Законот за јазици не е еден од нив и до тој датум нема да се покренува тоа прашање, велат за Плусинфо собраниски извори на прашање како ќе се одврзе јазолот на спроведувањето на овој закон, откако и по втор пат не доби потпис од претседателот Ѓорге Иванов.
Нашите извори тврдат дека, никој не кренал раце од Законот за јазици и дека и натаму се разгледуваат сите правни аспекти и се бара начин како, овој закон да заживее. По ова, станува јасно дека законот со кој ДУИ ја условуваше и стабилноста на политичкиот брак со СДСМ и кој беше донсесен со европско знаменце, а не беше дел од европската агенда, како што потврди и еврокомесарот Јоханес Хан, засега е забатален на собраниската агенда.
На нашето прашање дали разрешницата ќе се бара преку автентично толкување на Уставот, за кое правни експерти предупрeдија дека е неопходно двотретинско мнозинство во Собранието, наместо потврда, добивме одговор дека се бара најсоодветниот начин да се обезбеди спроведување на донесениот закон.
Претходно, претседателот на Собранието Талат Џафери ги негираше шпекулациите дека е можно со двоен потпис да се објави законот во Службен весник.
– Jас нема да се впуштам да ставам потпис на нечие друго име. Решенијата се анализираат, не се водам од некакви временски рокови, не се брзам, не сакам да правам тензии – рече Џафери, неодамна.
Тој додаде дека,како претседател на Собранието нема основа, според која тој би можел да се обрати до Уставен суд, зошто во случајов нема конфликт на надлежности.
Законот за јазиците беше донесен во јануари со поддршка на 69 пратеници.
Овој закон кој ја разбранува и експертската јавност предвидува, освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.
Во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, ќе биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.