Интересни факти за македонските фирми

Две третини од нето добивката на целиот корпоративен сектор е остварена кај големите субјекти, добивката е зголемена и кај малите и средни претпријатија, додека микро претпријатијата како група оствариле загуба.

1377

Пред нешто помалку од петнаесетина години, кога работев во Народна банка, започнавме да го „произведуваме“ годишниот Извештај за финансиската стабилност на земјава. Тогаш бевме една од само педесетина земји во светот што го правеа тоа. Секоја година, ми претставува посебно задоволство да го прочитам новиот извештај и да видам до каде стигнало неговото унапредување. Извештајот прави пресек на состојбите во домашниот финансиски систем и финансиските пазари, но ги анализира и меѓународното и домашното окружување, а во тие рамки и корпоративниот сектор на земјава. Тој ги прикажува состојбите заклучно со крајот на претходната година, а се објавува околу половина година подоцна. Во оваа прилика, од Извештајот ќе извлечам и пренесам само неколку интересни и не толку често презентирани факти за македонските фирми.

Во 2018 година, бројот на новоосновани претпријатија во земјава е повисок од бројот на згаснати фирми. Притоа, бројот на правни лица над кои е отворена стечајна постапка е намален за 46,2% во споредба со претходната година. Апроксимативната стапка на банкротирани правни лица изнесувала 1,7%, што е најниска стапка во последните десет години. Инаку, просечната стапка за периодот 2008-2018 година е 3%.

Уделот на правни лица со блокирани сметки во однос на вкупниот број на правни лица на крајот од 2018 година продолжува да се намалува, тренд започнат во 2015 година. Но, и понатаму е висок (26%), што значи на крајот од 2018 година секоја четврта фирма имала блокирана сметка.

Стапките на промена на вкупните приходи и расходи на корпоративниот сектор во 2018 година се речиси идентични со тие од претходната година. Така, вкупните приходи се зголемени за 8%, а вкупните расходи за 7,7%. Притоа, профитабилноста на корпоративниот сектор продолжува да се подобрува. Стапката на поврат на просечните средства (ROAA) е 4,2%, и е нешто подобра од 2017 година, кога била 3,9%, но значително подобра од стартната точка во приказот на Народна банка, 2014 година (2,3%). Слична е патеката на движење кај стапката на поврат на капиталот (ROAE). Во 2018 година таа изнесува 8%, во претходната година била 7,7%, а во 2014 година 4,4%.

Но, две третини од нето добивката на целиот корпоративен сектор е остварена кај големите субјекти, добивката е зголемена и кај малите и средни претпријатија, додека микро претпријатијата како група оствариле загуба. Од вкупниот број на правни лица, една третина работеле со загуба. Набљудувано по поодделни сегменти, речиси половина (47,4%) од вкупната добивка на целиот корпоративен сектор е генериран во индустријата.

Т.н. „нови производствени капацитети во странска сопственост“ играат растечка улога во македонската економија. Народна банка идентификува 30 такви „нови производствени капацитети“ од вкупно 53.669 субјекти што доставиле годишни сметки до Централниот регистар во 2018 година. Иако се толку малку, „новите производствени капацитети во странска сопственост“ учествуваат со 6,7% во вкупните средства на корпоративниот сектор на земјава и со дури 12,4% во вкупната нето-добивка по оданочување на целиот сектор. Профитабилноста на „новите производствени капацитети“ е двојно повисока од останатиот корпоративен сектор.  Стапката на повратот на средствата (ROAA) на „новите производствени капацитети“ е 8,1%, кај останатиот корпоративен сектор е 3,9%. Стапката на поврат на капиталот (ROOE) е 15,2%, а кај остатокот на корпоративниот сектор во земјава е 7,5%.

Во 2014 година бројот на вработени во „новите производствени капацитети“ учествувал со 2,9% во вкупниот број вработени во корпоративниот сектор, во 2018 година тоа учество е зголемено на 7,1%. Интересно е дека „новите производствени капацитети“ не се задолжуваат кај банките во земјава. Само 2,4% од вкупниот долг по основ на камати на „новите производствени капацитети“ е кон банките од земјава.

Во однос на нето задолженоста на корпоративниот сектор, како разлика меѓу тоа колкави побарувања (депозити) имаат фирмите кај банките и колку должат кон нив, и колку должат или побаруваат од и кон нерезидентите, во 2018 година нето-задолженоста на корпоративниот сектор за првпат во последните пет години растеше со стапка (од 3,5%) пониска од стапката на раст на номиналниот БДП.

Нето-задолженоста на корпоративниот сектор година кон странство на крајот од 2018 е 21,7% од БДП. Повеќе од половина од тој долг претставува меѓукомпаниско задолжување меѓу поврзани субјекти, односно заеми што компаниите „мајки“ од странство им ги дале на „компаниите“ ќерки во земјава.

Нето-задолженоста на корпоративниот сектор кон банките од земјава е двојно понизок од онаа кон странство и изнесува 11,4% од БДП. Повеќе од половината од долгот кон банките е долгорочен (55,6%), што создава простор за амортизирање при шокови на краток рок. Понатаму, 67,4% од задолженоста на фирмите кон банките е девизна задолженост. Тоа значи, дека стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото игра многу важна улога за долгорочното финансиско „здравје“ на македонските компании. Интересен наод од анализата на Народна банка е дека кај новоодобрените кредити во 2018 година, каматните стапки за кредити во износ до 250 илјади евра биле повисоки од кредитите на износ поголем од тоа.

Сите овие селектирани и презентирани наоди од Извештајот на Народна банка за финансиската стабилност на земјава, но и оние што останаа невклучени во овој текст, даваат интересна слика за состојбата во која се наоѓа македонскиот корпоративен сектор, за неговите силни страни, но и точки на ранливост.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...