Приказната за мистериозната коверта полна со пари, кој пред три дена на улица ги пронајде Јасна Врховац од Ријека, Хрватска, се прошири на социјалните мрежи и за 24 часа доби среќен крај. Познати и непознати помогнаа да се најде сопственикот на 7.000 евра распослани на улица, сума од која, како што напишала, „речиси паднала во несвест“.
„На улицата најдов коверта, а во неа одредена сума (речиси паднав во несвест). Нешто беше во куни, а нешто во евра. Во ковертата имаше хартија со некоја пресметка, рачно испишана, без никакви генералии. Сопственикот ќе знае што пишува на ковертата, што на хартијата и колкава е сумата. Доколку до утре не се јави, ковертата ќе ја предадам во полициската станица па може од таму да ја преземе“, напишала Јасна Врховац.
Благодарение на повеќе од 1.200 споделувања на Фејсбук, откриени се сопствениците, а Врховац, која се занимава со хуманитарна работа, ја открива и целата приказна за хрватската телевизија РТЛ.
Се работело за пари кои синот од Германија му ги испратил на својот татко за да го плати долгот кон банката бидејќи куќата им била под хипотека. Синот, всушност, и заминал во Германија за нешто да заработи и да ја спасат куќата. Парите за татко му ги испратил по свој пријател, кој ги изгубил на улица. На ковертата пишувало само: „За тато“.
Таткото, кој живее на островот Крк, извадил од ковертата 1.000 евра и како благодарност ѝ ги понудил на Јасна, но таа ги одбила.