Гласањето за доверба на Владата на Зоран Заев ги искристализира позициите на албанскиот опозициски блок во преговорите за влез на Илинденска. Подршката на крилото на Билал Касами на Владата и обезбеди на неговата Беса најсилни позиции во преговорите за влез во извршната власт, наспроти „воздржаните“ гласови од Беса на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи, потврди за Плусинфо висок функционер на СДСМ.
Ова значи дека доколку падне договор за влез на Беса на Касами во власта, партијата ќе издејствува и надобри позиции од ресорите кои се на масата за преговори, како и најмногу функции.
Функционерот на СДСМ потврдува дека и покрај „воздржаноста“ на Беса на Гаши и ДПА на гласањето за интерпелацијата, и двете партии се во игра за влез во Владата иако со ослабени позиции.
– Со гласањето „воздржани“ Беса на Гаши и ДПА си ги разнишаа своите позиции во преговорите за влез во Владата. Тоа е контрапродуктивно за нив, иако веројатно мислеле дека со „воздржаноста“ за поддршка на Владата ќе си обезбедат посилни преговарачки позиции. По интерпелацијата на Владата, Беса на Касами е во предност – вели за Плусинфо висок функционер на СДСМ.
Токму на таа карта сега игра Беса на Касами. Од таму велат дека во преговорите за влез во Владата влегуваат со предност. Додаваат дека Заев пред седницата за интерпелација, суптилно побарал од опозициските партии на Албанците да гласаат за доверба на Владата. Според нив, тоа изгледа не го „разбрало“ крилото на Гаши.
Од Беса на Гаши велат дека биле „воздржани“, бидејќи не сакале да падне Владата, но и дека не се до крај задоволни од досегашната работа на извршната власт. Гласале „воздржано“ и дека се уште се опозиција.
Однесувањето на Беса на Гаши на седницата за интерпелација, од ДУИ го коментираат како политички аматеризам, бидејќи паралелно се одвиваат и преговорите за проширување на владеачкото мнозинство. И ДУИ како и СДСМ смета дека лоша е процената на Беса на Гаши дека воздржаниот глас им обезбедува посилни позиции во преговорите и распределбата на ресорите.