Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро им нареди на вооружените сили да помогнат во гаснење на големите пожари во Амазонската прашума – белите дробови на светот, јави Би-Би-Си. Во одлуката на Болсонаро се наведува дека трупите ќе бидат распоредени во природни резервати, домородни територии и погранични области во регионот.
Таа одлука е донесена по силниот притисок на европските лидери. Болсонаро ги критикуваше реакциите на меѓународната заедница, велејќи дека пожарите „не можат да се користат како изговор“ за санкциите.
Франција и Ирска се заканија дека ќе блокираат договор за слободна трговија меѓу ЕУ и земјите на Меркосур (Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај) доколку Бразил не ја заштити Амазонската прашума во која моментно беснеат пожари.
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон го обвини Болсонаро за лажење кога на самитот во Г20 во јуни ја намалувал загриженоста поради климатските промени.
Макрон рече дека рекордниот број пожари во Амазонската прашума е „меѓународна криза“ што треба да биде на врвот на агендата на самитот Г7 во Франција овој викенд.
ФОТО: EPA-Porto-Velho-Firefighters-HANDOUT