Одобрувањето пари за изградба на трамвај во Скопје следната недела ќе биде на седница на економскиот совет во Владата, изјави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
– Во вторникот имав работен состанок со премиерот Зоран Заев на кој го претставив концептот за јавен транспорт во Скопје. Се договоривме информацијата Град Скопје да ја достави до Влада, па потоа да биде свикан Економскиот совет. Денеска ние ќе го доставиме нашиот концепт и во текот на наредната недела треба да биде ставен на разгледување на Економски совет во Владата за да се реши финансирањето. Очекувам дека Владата врз основа на договорот со премиерот ќе го помогне овој проект, а ние како Град Скопје сме подготвени веднаш да ја стартуваме реализацијата – вели Шилегов.