Не ми беше лесно. Напротив. Чантата купена тоа лето, од Италија, вештачка кожа, ама да изгледа како природна, еден наш темпераментен архитект и јас, во бавчата на лондонски ресторан кога се обидувавме да убедиме неколкумина воодушевени дека „Скопје 2014“ е „фрлена пара“, направен од големи количества на „она што изгледа како мермер, ама не е мермер“, ми исчезна. Односно, ми беше украдена. Од наслонот на столчето на кое седев. Така е тоа кога на една маса седат десетина наши. Во најголемиот број случаи сите зборуваат во еден глас, никој никого посебно не слуша, сите се надвикуваат (кој кого надвика, тој е во право!?) и, што е најважно во мојот случај, никој не ги забележа двете девојки од соседната маса кои станаа, лежерно дошетаа до нашата, ја „собраа“ мојата чанта и заминаа во непознат правец. Ова го знам поради снимката од видеокамерата на која фино беше снимен целиот настан, а која ми ја покажа полицијата. Од снимката можев да заклучам дека: 1. Не ги познавам девојките; 2. Македонците се многу фотогенично-телевизични; 3. Многу мавтаат со раце кога зборуваат. И ајде, нека има и број 4. Многу се безгрижни, никој не се грижеше за мојата чанта додека јас бев отсутна да нарачам пијалак.
Многу се краде
Криминалот е во пораст. Не само во Лондон, туку и во Англија. И Велс. И Шкотска. За Северна Ирска и да не зборуваме. Што ќе рече, во Обединетото Кралство на Велика Британија (и Северна Ирска). Толку многу се краде по продавници што полицијата и судовите решија дека нема да реагираат за „ситни кражби“, односно за украдени предмети во вредност под 100 фунти, зашто не им се исплати да покренуваат сили и постапка.
Е сега, за мојата чанта беше покрената постапка, таа сосе содржината во неа вредеше многу повеќе од 100 фунти, полицијата ми додели и посебен инспектор да ме известува за развојот на случајот и ме упати на советник за тешење од претрпениот шок (рака на срце, повеќе ме шокираше тоа што некој можел да се восхитува на „Скопје 2014“, ама за тоа не можев да го користам советникот). И по три месеци, ме информираа дека го затвораат случајот. Јас си купив нова чанта. И никогаш не ја ставам на наслонот на столче. Ни во Лондон ни во Скопје. Никаде.
Многумина тврдат дека зголемувањето на кражбите, пред сѐ, на оние ситните, е поради… еве го брегзитот, односно несигурноста на луѓето од тоа што носи иднината. И се согласувам со тоа. Поскапе сѐ – струја, вода, гас, горива, транспорт, прехранбени производи, меѓу кои и месото на кое во самопослугите почнаа да му ставаат безбедносни тагови за да „свири“ бутчето на излезот ако е украдено…
И Расти го снема
А, што да им кажат на кутрите фармери на кои им го крадат добитокот?! На кого му имаат ставено тагови на ушите (на кравите, на пример), ама тие не свират? Да им дадат советник да ги теши и да им каже кога не можат да заспијат од грижи, да бројат овци? Лесно ми е мене да се шегувам (не можев да одолеам со овците, беше појако од мене) ќе кажат од здружението на фармери, ама работата е сериозна – само во последните 12 месеци во земјата се украдени 10.000 овци! Само во Англија и во Велс е забележан пораст на кражби на добиток од 12 проценти во споредба со минатата година. Вредноста на украдениот добиток изнесува 2,5 милиони фунти. Страшно!
Фармерството е една од најстарите и основни гранки во земјата и Британија секогаш се гордеела со високите стандарди и квалитетот на месото кое се произведува. Говедското од Шкотска и јагнињата од Велс се надалеку познати по својот квалитет и вкус. Полицијата е активна и дејствува, ама не е лесно, особено што: 1. Фармите се големи и имаат по 15-16 влезови и излези и тешко е да се покрие сѐ со камери; 2. Бандите се добро организирани и моторизирани; 3. Речиси невозможно е да се открие каде завршува месото, квалитетот е одличен, никој не се жали, најмалку муштериите.
Се крадат дури и кучињата што се користат за собирање на добитокот, особено на овците. Од една фарма во Велс беше украден Расти, овчарско куче, знаете, од оние најпаметните, чија вредност се проценува на околу 5.000 фунти – да, не е печатна грешка, пет илјади фунти. Фармерството е голем бизнис и кучињата се од голема вредност зашто тие ги собираат овците брзо и ефикасно, за разлика од луѓето. Но некои луѓе го „собраа“ Расти и сега тој „работи“ некаде најверојатно, велат, на север.
Во меѓувреме, премиерот отиде на југ, во Германија и Франција, да види што може да се направи во следните 30 дена што не го направи во изминатите три години во врска во излегувањето од ЕУ. Тука се предвидуваат натамошни проблеми со недостиг на прехранбени производи, со доаѓање на жители од Унијата, со патувања, овој викенд ќе биде топло, а јас успеав повторно да прошверцувам од Македонија кашкавалче (мешано, овчо и кравјо). Барем да се радуваме на малите работи. Ете.