Стефанова: Истрагата за „Империја“ застана

Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител, вели Стефанова.

592
Истрагата за случајот „Империја“ застана по донесувањето на начелното правно мислење и затоа е потребно што побрзо донесување на Законот за јавно обвинителство, изјави денеска јавната обвинителка Лиле Стефанова.

– Нема друго решение. Само новите одредби кои ќе го вклопат СЈО и ќе му дадат право на редовното Јавно обвинителство да ги презема сите дејствија и во овие предмети – истакна Стефанова.

Прашана дали се следи имотот на Камчев и дали има одмрзнувања, Стефанова, нагласи дека сѐ е замрзнато и ништо не е одмрзнато.

– Имаме известувања за сите дејствија кои ги презема Јордан Камчев, како претходно управител и член на управен одбор и преземаме законски дејствија кои можеме да ги преземаме во овој момент – изјави Стефанова.

Во однос на информациите дека Камчев е во соседна Бугарија, Стефанова, кажа дека нема овластување да побара каде е Јордан Камчев и повторно побара побрзо носење на Закон за јавно обвинителство.

– Во овој момент редовното јавно обвинителство не може да преземе ништо во дејствијата од предметите на СЈО. Таков е законот – изјави Стефанова.

Прашана дали со притворот на Катица Јанева постои можност да паднат сите предмети на СЈО, Стефанова, рече дека не постои таква можност.

– Предметите ги работеа десет јавни обвинители и верувам дека се сите работени како што е потребно – изјави Стефанова.

Таа нагласи дека немало спогодба за случајот „Империја“ бидејќи не се донела таква одлука, но имало намера да има спогодба.

Прашана дали е можно назначување на в.д. шеф на СЈО, Стефанова рече дека Законот за ЈО, кој важи доколку некои одредби не се веќе определени со Законот за СЈО, има повеќе решенија.

– Има решение за поставување на вршители на должност, решение за поставување на обвинител кој го заменува отсутниот или спречениот јавен обвинител. Сепак, тоа се ингеренции на Советот на јавни обвинители и да го оставиме да си донесе одлука. Како што разбрав, веќе се во процедура и ќе видиме што ќе донесат – изјави Стефанова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...