Притворот на специјалната обинителка Катица Јанева, осомничена во аферата „Рекет“ отвори мегдан за нова политичка битка на власта и опозицијата во која ситуацијата за Специјалното јавно обвинителство за гонење криминал и кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори останува да виси во воздух додека владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ исправаат криви дрини околу мандатот на Јанева, а и на нејзиниот тим.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески пред неколку дена изјави дека Советот на обвинители треба сам, без одлука на Собранието да избере вршител на должност на СЈО. Но, наспроти овој став, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ потсети дека изборот на СЈО кој е регулиран во членот 3 и разрешувањето кое е зацементирано во членот 18 е пропишано во Законот за СЈО и не може и не смее да се применува друг закон.
– Во двете постапки, изборот и назначувањето, Собранието и Комисија за прашања на изборите и именувањата не може, ниту смее да се прескокнат, односно ниту да се разреши СЈО, ниту да се назначи вршител на функцијата СЈО без овие две инстанци во постапката. Советот на Јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадентерово мнозинство – образложи Димовски.
И правниците што ја поддржуваат тезата дека заради владеење на правото политичарите треба да ги закопаат секирите и да се договорат да се избере вршител на должност на СЈО, објаснуват дека во постојниот закон не постои експлицитна одредба со која е предвидено да се избира вршител на должност, што дополнително го комплицира изборот на наследник на осомничената Јанева, во случај да биде разрешена пред 15 септември поради товарот што го има во аферата „Рекет“.
Оттаму, нашите извори, анализираат дека падот на актуелното СЈО нема да се случи пред да истече законскиот рок во кој истекува мандатот на Јанева за да се избегне нов политички јазол.
Според Законот за СЈО, шеф на СЈО се избира со двотретинско и Бадентерово мнозинство, а предлогот потоа Собранието го дава на гласање до Советот на обвинители.
Додека се чека следниот чекор на Советот на обвинители, премиерот Зоран Заев синоќа го повика да избере в.д. шеф на СЈО, но тоа ги поттикна правниците да потсетат дека законот за СЈО не познава вршител на должност и дека правните дупки во него не можат да се пополнуваат со одредби од законот за јавно обвинителство.
Законот за Јавно обвинителство, кој се очекува да го реши статусот на Специјалното јавно обвинителство, во вторник, наредната недела, треба да се најде пред пратениците откако тие ќе се вратат од годишните одмори, и тоа без договор меѓу опозицијата и власта.
Според министерката за правда Рената Дескоска каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева, туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази.
Сепак, правните толкувања се дека неможе да се најде никаква пречка за оспорување на предметите на СЈО, ниту оние што се во постапка во судот, но и и оние истраги што ги води Специјалното обвинителство и покрај сомнението за инволвираност на шефицата на СЈО во „Рекет“.