СЈО ќе продолжи да работи на предметите, се бара наследник на Јанева

242

Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи да ги застапува предметите во судница без разлика што на нивната шефица Катица Јанева завчера и е одредена мерка притвор за случајот „Рекет“.

Се уште останува отворено прашањето кој ќе ја наследи Јанева на функцијата шеф на СЈО.

За функционерите од власта, пак, случајот „Рекет“ покажува дека никој не е недопирлив и оти неселективната борба против корупцијата е услов без кој нема напредок кон членство во ЕУ.

Обвинителката во СЈО Фатиме Фетаи вчера изјави дека СЈО продолжува со застапување на предметите во судница без разлика што на Јанева и е одредена мерка притвор за „Рекет“.

– Она што се случува може да биде само добар показател дека секој што се огрешил пред законот, мора да одговара, дека работите конечно се придвижуваат во позитивна насока во нашата држава и дека едноставно никој не е недопирлив – вели таа.

Според неа, од друга страна, индивидуалната кривична одговорност на еден од обвинителите во СЈО не смее да биде изговор и оправдување да се заборави целокупниот криминал што беше направен во нашата држава во последниот период и ние да ја запреме нашата борба и потсети дека тимот на СЈО е целосно посветен на борбата за правда и оти ќе продолжат со застапување на предметите во судница.

По приведувањето на Јанева СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власти и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус. Останува отворено прашањето кој ќе ја наследи на функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

Денеска Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција се очекува писмено да го извести Советот на јавни обвинители за сите досега преземени активности во предистрагата и истрагата во случајот „Рекет“, меѓу нив и вчерашното приведување и притворање на специјалната обвинителка Катица Јанева.

По барање на Советот Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција подготвува преглед на настаните и преземените дејствија што треба да биде составен дел на известувањето упатено до него, велат од Обвинителството.

– Со оглед на тоа што во текот на предистражната и истражната постапка од страна на ОЈО ГОКК беа превземени низа дејствија, обвинителството прегледот ќе го достави до Советот во текот на денешниот ден или утре наутро – додаваат од таму.

Претседателот на Советот Коле Штерјев откако ќе го добие известувањето треба да закаже седница, на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од прв човек на СЈО.

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.

Врз основа на доставениот извештај, а на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Согласно член 19 од овој закон, разрешениот јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да поднесе тужба до Основниот суд Скопје 2-Скопје за разгледување на одлуката за разрешување. Со одлука на судот, јавниот обвинител може да биде вратен на работа или да добие друг вид надоместок.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вели дека Советот на јавни обвинители во постапката за избор и назначување на СЈО може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадинтерово мнозинство.

Високите функционери од власта сметаат дека случајот „Рекет“ покажува дека никој не е недопирлив и оти владеењето на правото и неселективна борба против корупцијата е услов без кој нема прогрес на европскиот пат.

– Случајот „Рекет“ е тест за институциите токму во пресрет на големата одлука за тоа дали реформите што ги спроведовме во овој период и со Планот 369 и со Планот 18 создадоа институции со доволен капацитет да се справуваат со вакви предизвици, тест кој мора да се помине успешно од страна на државните институции и кој ќе биде пресвртна точка и одлучувачки за финалнатa одлука на членките на ЕУ – изјави вчера вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Повтори дека ќе биде важно доколку во следниот период се најде компромис со опозцијата за да се донесе законот за ЈО и на тој начин, вели, да создадеме институција која не само што ќе ги расчисти целосно дилемите кои произлегоа од прислушуваните разговори, туку во континуитет ќе продолжи да се бори со корупцијата на високо ниво.

Османи рече дека имаат постојан контакт со претставниците на европските институции и земјите члнеки, и оти е нормално што има разочараност од последните настани, но сите заеднички констатирале дека сега реакцијата на институциите е многу поважна од постојната и фактичката состојба со која се соочуваме.

Во однос на правната празнина околу именувањето на наследникот на Катица Јанева, и дали тоа било тема на разговор во ДУИ и во односите со партнерот во владејачката коалиција СДСМ, Османи рече дека нема да се впушта во правно толкување на одредбите од законот, но дека најдобар одговор е компормис меѓу политичките чинители за трајно решение за СЈО преку новиот закон за ЈО.

И владејачката СДСМ смета последните случувања покажуваат дека правната држава функционира, а законите важат за сите подеднакво, како и тоа дека никој не е над правдата и дека секој ќе одговара за своите постапки.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, притворањето на Катица Јанева е договорен театар со кој треба да се прикријат трагите кои водат кон Илинденска и Зоран Заев и упатија обвинување до обвинителката Вилма Русковска дека ја одолговлекува истрагата.

Завчера по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција беше приведена и притворена специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувањата со што се стекнала со лична користа.

Европската Комисија засега се воздржува од коментари за случајот „Рекет“ и одлуката за притвор на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сепак, од Европската Комисија нагласуваат дека од македонските власти се очекува темелна истрага.

Извори во Европската Комисија, која одигра значајна улога во создавањето на СЈО за време на преговорите од Пржино, велат дека од блиску се набљудуваат настаните во Северна Македонија околу случајот „Рекет“ и дека засега во ЕК немаат јасна слика за тоа што точно се случува.

Во Брисел никој не сака да шпекулира дали и како ќе се одразат последните случувања врз одлуката за доделување датум за преговори, но проценката е дека доколку власта и опозицијата во Северна Македонија покажат одлучност да се справат со корупцијата и да изнајдат трајно и убедливо взаемно решение, датумот сѐ уште е на дофат за земјата во октомври, коментираат за МИА дипломатите во Брисел.

Јанева е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист, со тоа што, најпрво влијаела за ослободување од притвор и враќање на патната исправа, а потоа и дала предлог да се олесни положбата на осомничен во „Империја“ со негово прифаќање како сведок во постапката.

Јанева, чиј глас се слушаше во снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Веритас“, во кои таа на главниот осомничен за случајот „Империја“ Орце Камчев му вели „се ќе биде добро“ е третоосомничена во случајот „Рекет“.

Другите двајца осомничени за „Рекет“,  Бојан Јовановски и Зоки Кичеец повеќе од еден месец се во притвор. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...