Пожарите во Амазонија предизвикани од сточари и дрвосечачи

Светската фондација за природа соопшти дека Амазонија е „неповратно оштетена“ и предупреди дека наместо кислород може да почне да испушта јаглерод, кој е главен двигател на климатските промени.

218

Пожарите во Амазонија се предизвикани од сточари и дрвосечачи кои сакаат да ја искористат земјата, тврдат неколку организации за заштита на животната средина и истражувачи.

Програмскиот директор на непрофитната организација „Амазон воч“ (Amazon Watch), Кристијан Пуире смета дека поголемиот број пожари се предизвикани од човечки фактор, истакнувајќи дека и за време на сушниот период во Амазонија не доаѓа лесно до пожари.

Тој  додаде дека земјоделците и сточарите преку пожарите ја расчистуваат земјата.

Според него, нивото на деструкција оваа година, во споредба со претходните години, е без преседан.

– Амазонија е неверојатно важна за нашата иднина. Амазонската прашума произведува околу 20 проценти од кислородот во светот, поради што се нарекува „планета на белите дробови“ – вели Пуире.

Светската фондација за природа соопшти дека Амазонија е „неповратно оштетена“ и предупреди дека наместо кислород може да почне да испушта јаглерод, кој е главен двигател на климатските промени.

Бразилскиот министер за заштита на животната средина Рикардо Салес на Твитер напиша дека пожарите се предизвикани од сушното време, ветер и топлина.

Меѓутоа, метеорологот на Си-Ен-Ен, Хејли Бринк наведе дека за пожарите „дефинитивно е одговорен човечкиот фактор“, односно дека вината не може да се префрли на „природни причинители, како што е удар од гром“.

– Тоа е најдобро време за палење бидејќи вегетацијата е сува. Земјоделците ја чекаат сушната сезона и тогаш почнуваат да палат и да ја чистат областа за да се направи простор за пасење на стоката. И тоа е она што се сомневаме дека се случува таму, вели Бринк, додавајќи дека екот на сушната сезона е во септември.

Во меѓувреме, бројни еколози за пожарите го обвинуваат претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, кој за време на предизборната кампања вети дека ќе ја обнови економијата на земјата на начин што ќе го истражи економскиот потенцијал на Амазонија.

Организациите за заштита на животната средина сметаат дека Болсонаро ги охрабрил фармерите и дрвосечачите да ја експлоатираат и палат шумата како никогаш порано и дека нема да бидат казнети за таквите постапки.

Медиумите претходно пренесоа дека Болсонаро изјавил дека невладини организации ги подметнуваат пожарите во Амазонија со цел да ја дискредитираат неговата Влада откако им ги намалил финансиите.

Болсонаро денеска негираше дека некогаш рекол дека невладини организации ги подметнале пожарите во шумите, укажувајќи дека зборувал само за лично сомневање.

Бразилскиот претседател изјави денеска дека Владата има недостиг од средства за борба против шумските пожари во Амазонија.

Болсонаро, обраќајќи се на Фејсбук, рече дека сателитските снимки покажале дека прашумите во бразилскиот дел на Амазонија оваа година се погодени од рекорден број пожари.

Податоците на бразилската Агенција за вселенски истражувања покажуваат дека оваа година рекорден број пожари се евидентирани во дождовните шуми во бразилскиот дел на Амазонија. Годинава во прашумите имаше 83 отсто пожари повеќе отколку во 2018 година, соопшти Агенцијата.

Најголемата дождовна шума во светот – Амазонија е клучна во борбата против глобалното затоплување. Шумските пожари вообичаено се случуваат за време на сушната сезона во Бразил, но и намерно се палат со цел расчистување на шумата заради простор за одгледување стока.

Податоците на Агенцијата за вселенски истражувања покажуваат дека повеќе од 72.000 пожари гореле меѓу јануари и август оваа година во бразилскиот дел на Амазонија. Ова е најголемиот број забележен од кога почнала да се води евиденција во 2013 година. Од Агенцијата соопштија дека до минатиот четврток евидентирани се над 9.500 пожари, главно во Амазонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...