Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на денешниот ден или утре наутро до Советот на јавни обвинители ќе достави известување за статусот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, велат од Обвинителството за Плусинфо.
Обвинителството денеска по барање на Советот, подготвува преглед на настаните и преземените дејствија што треба да биде составен дел на известувањето упатено до Советот.
– Со оглед на тоа што во текот на предистражната и истражната постапка од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беа преземени низа дејствија, обвинителството прегледот ќе го достави до Советот во текот на денешниот ден или утре наутро – велат оттаму.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, денеска испратил допис до Вилма Русковска да достави информација за статусот на Јанева.
Откако Советот ќе добие официјално известување од Русковска ќе свика седница на која започне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата.