Министерот за здравство Венко Филипче, денеска ја посети реновираната Специјализирана болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок, каде со пари од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување купено е земјиштето под објектот на болницата. На овој начин зголемена e дворната површина, a во завршна фаза е реализацијата на проектот за санирање на свлечиштето и изградба на пешачка патека околу болницата.
– За првпат пациентите имаат можност за рехабилитација во дворот на болницата со долга патека поставена на повеќе нивоа по која може да одат на кратка прошетка, на чист воздух и да се одморат на изградените и уредени одморалишта. Извршено е и пошумување со над 1.000 зимзелени дрва, обезбедени со сопствени средства и со донација, а извршено е и реновирање со нова фасада – велат од Министерството.
Завршено е инсталирање на сопствен агрегат за струја, што е од огромно значење за установата. Преку донација, болницата се стекна и со колектор за прочистување на отпадна вода, што ќе биде сместен во дел од новопроширениот болнички двор.
Изграден е лифт, со кој е решен проблемот за транспорт на пациенти, а проширен е и паркинг просторот пред болницата со што е овозможена полесна пристапност на пациентите. Преку донација, болницата се стекна и со нов спирометар.
За 2 години реализирани се четири вработувања, а здравствените работници во две фази имаат зголемени плати и подобрени услови за работа за овозможување квалитетна здравствена нега, соопшти Министерството за здравство.