Приказната за 25-годишната Одри Бeaр која храната ја заменила со воздух го шокираше светот. Оваа девојка се одлучи за опасната диета „Breatharian“ па вели дека енергијата ја црпи од вежбите на дишење, смудите и чаевите.
Новиот бизарен тренд на исхрана го покренале Али Реза Корасани и Даниелa Сира кои пак, јадат исклучиво овошје. Методот кој го следат го нарекуваат „Fruitarian“, а со него го замениле веганството.
Тие јадат исклучиво овошје и велат дека и Мајкл Џексон експериментирал со таквата диета.
– Бевме подуени, грди и анксиозни, а потоа пред четири години се свртевме кон сировото овошје. Никогаш не сме се чувствувале подобро – рекла оваа двојка за „Дејли мејл“.
На Али веганството му предизвикало запек, акни, подочници, подуеност, дехидратација и слабост па побарал лек со кој ќе ги елиминира наведените симптоми. Даниела се посветила на ваквиот животен стил по патувањето во Азија, каде се вљубила во егзотичните видови на овошје. Таа страдала од нарушување во исхраната, анксиозност и имала дигестивни проблеми, а резултатите, како што вели, ги видела по две недели.
„Главно јадеме сирово овошје, а повремено и лиснат зелен зеленчук, јаткасти плодови или семки, но во помали количини. Се чувствуваме послободно ментално, телесно, емоционално и духовно. Веројатно бидејќи се ослободивме од отпадот и се посветивме само на овошјето и постот“, открил Али кој претходно се занимавал со бодибилдинг и седум дена во неделата консумирал месо, млечни производи и јајца.
„Бев анорексична, се прејадував, претерано тренирав и бев анксиозна. Сето тоа се промени кога одлучив да се свртам кон овошјето. Треба пракса за да се храните на тој начин во денешниот свет“, смета 22-годишната Даниела.
Двојката по пат на социјалните мрежи ги учи луѓето на овој метод и ја промовира предноста на таквата исхрана која е, всушност, опасна бидејќи не му ги обезбедува сите потребни хранливи материи на организмот. И тие самите признаваат дека се често гладни бидејќи овошјето се состои од многу вода.
– Треба да изедете многу банани за да бидете сити – открила двојката.
Но, тие не го сметаат својот животен стил за минлив тренд.
„Сите бараат докази дека тоа што го правиме е здраво, но нам не нѝ требаат. Можеме само да се надеваме дека луѓето ќе го испробаат овој метод и на своја кожа ќе се уверат дека ќе се чувствуваат подобро“, порачуваат Али и Даниела.
FOTO: Instagram/Printskrin