Општина Битола ги намали финансиските долгови на основните и средните училишта кои на 31 декември 2017 година изнесуваа 180 милиони денари.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, на денешната прес-конференција, а во пресрет на новата учебна година, посочи дека долгот на основните училишта е намален за 60 проценти, а на средните училишта за 65 проценти.
– По долгогодишна голгота на блокираните училишта во Општина Битола и секојдневно соочување со можност за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење за децата и други останатите редовни потреби на секое училиште, денес по една година и девет месеци, долгот на училиштата е значително намален и тоа во основните за повеќе од 105 милиони денари или речиси 60 отсто од долгот, а во средните долгот се намалил за речиси 56 милиони денари или над 65 отсто..Со други зборови во овој период се исплатени повеќе од 2,6 милиони евра, рече Петровска.
Од осумте основни и двете средни училишта кои биле блокирани, според Петровска, останато е само едно основно училиште блокирано кое се очекува наскоро да биде финансиски растоварено.
– Со парите, што општината ги исплати за наследените долгови, можеше да се изгради еден затворен базен или да се набават 10 еколошки автобуси. Но, иако општината за година и девет месеци отплатуваше нечии наталожени долгови, во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници, неупотребливи тоалети…, истакна Петровска.
Минатата и оваа година вложени се повеќе од 2,2 милиони денари за подобра инфраструктура во училиштата, а во тек е и јавна набавка за санација на објекти во висина од 3,4 милиони денари.