Целосна поддршка на правосудните органи за брза, ефикасна и транспарентна постапка за расветлување на случајот „Рекет“, побара на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, нагласувајќи оти со тоа ќе се обезбеди враќање на довербата во институциите и владеењето на правото.
Напоменувајќи дека случајот е во тек изрази задоволство од досегашната, како што рече, одлучност и храброст на правосудните органи и ги охрабри да продолжат со истрагата и бескомпромисно и неселктивно да го истераат случајот до крај.
Тој нагласи дека остануваат неполни два месеца од клучните состаноци на ЕУ, на кои се очекува потврдата за почнување преговори и упати апел до сите да излезат од партиските матрици и да обезбедат стабилна, просперитетна, европска иднина на земјата.
Османи апелира до помалите албански политички партии да не го користат „Рекет“ за дневно-политички препукувања.
– Евтината злоупотреба на „Рекет“ е израз на незрелост и неодговорност и ја загрозува нашата позиција како сериозна земја кај меѓународните партнери – рече Османи.
Нагласувајќи дека посетил повеќе европски земји, а последната од нив Данска и впечатокот и пораките што го добил се дека Република Северна Македонија заслужува и треба да очекува одлука за почеток на преговори оваа година.
– Но, покрај признанието и поддршката секаде каде што одиме добиваме и јасни добронамерни совети, кои треба да ги сфатиме како искрено и сериозно предупредување – истакна Османи, додавајќи дека ефикасната борба против организираниот криминал и корупција и зајакнување на владеењето на правото се темелни европски вредности за кои земјите од ЕУ имаат низок праг на толеранција.