Законски нејаснотии кој ќе управува со СЈО по приведувањето на Јанева

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата.

350

По вчерашното приведување и одредување на мерка притвор на Катица Јанева, останува отворено прашањето кој ќе ја наследи на функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство.

Според републичкиот јавен обвинител Љибомир Јовески, кој се повикува на Законот за јавното обвинителство, во ваков случај треба да реагира Советот на јавни обвинители и да назначи вршител на должноста. Тоа би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

Од друга страна, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

– Само во еден случај, Советот назначува вршител на должност. Тоа е тогаш кога на еден јавен обвинител му се прекинува мандатот или е разрешен и Советот назначува вршител на должност од редовите на тоа обвинителство. Доколку Јанева не е разрешена и додека не и се прекине мандатот, не можеме да назначиме вршител на должност. Постапката за разрешување е предвидена со законот за СЈО, каде се вели дека доколку предлагаме ние, треба да подготвиме извештај и да го доставиме до Собранието, комисиите да го разгледаат и потоа Собранието да ни предложи ние да разрешиме – појаснува Штерјев во изјава за медиумите.

Законот за СЈО во член 18 вели дека јавниот обвинител може да се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата. Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител во разумен рок треба да достави до Парламентот извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување. Извештајот би бил достапен на јавноста преку комисиите во Собранието, освен ако некоја од комисиите не го одложи или спречи објавувањето на дел и на целиот извештај, доколку најде за потребно да се заштитат правата на секое лице наведено во извештајот или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење.

Врз основа на доставниот извештај, а на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител. Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Согласно член 19 од овој закон, разрешениот јавен обвинител кој раководи со Јавното обвинителство може да поднесе тужба до Основниот суд Скопје 2-Скопје за разгледување на одлуката за разрешување. Со одлука на судот, јавниот обвинител може да биде вратен на работа или да добие друг вид надоместок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...