Претседателот на САД, Доналд Трамп, неколкупати пројавувал интерес да се купи Гренланд од Данска „со различен степен на сериозност“, објави Волстрит џурнал.
Имено, претседателот на САД барал од своите советници „да разгледаат идеја“ за купување на најголемиот остров на Земјата. Трамп пројавил интерес за Гренланд поради природните ресурси и геополитичкото значење. Во образложение до советниците, Трамп укажал дека Данска има финансиски потешкотии поради тоа што во состав на кралството влегува огромна автономна територија.
Данските политичари ја исмеваа идејата Копенхаген да го продаде Гренланд на Вашингтон, откако Трамп, наводно, разговарал за тоа со своите советници.
Портпаролот за прашања од надворешната политика на Данската народна партија, Серен Есперсен за телевизијата ДР изјави дека ако Трамп навистина размислува за купување на Гренланд, тоа е „дефинитивен доказ дека тој полудел“.
– Идејата Данска да продаде 50.000 граѓани на САД е целосно бесмислена – наведе Есперсен.
Гренланд е леден остров во состав на Кралството Данска и има површина од 2.166.086 километри квадратни.
Гренланд не е на продажба
Економскиот советник на Белата куќа, Лери Кудлоу потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп „сака да го разгледа купувањето на Гренланд“, иако од овој остров, што е во составот на Кралството Данска, порачаа дека не се на продажба.
Кудлоу за „Фокс њуз сандеј“ кажа дека не сака да предвидува што може да се случи, но изјави дека Гренланд, што се наоѓа меѓу Атлантскиот и Северниот Леден океан, „е стратешко место со многу вредни минерали“.
– Гренланд не е на продажба. Гренланд не е дански. Гренланд му припаѓа на Гренланд. Искрено се надевам дека не се сериозни во намерата – рече данската премиерка Мете Фредериксен за весникот „Сермитсиак“ во текот на посетата на островот што е во составот на Кралството Данска.
Потоа, Трамп објави фотомонтажа.
– Ветувам дека нема да го направам ова на Гренланд – напиша американскиот претседател на фотомонтажата на која е прикажан златен облакодер на кој пишува „Трамп“ помеѓу населба од гренландски куќи.
По објавата на Трамп, Киелсен напиша „никој не смее да одлучува за нас, мораме да бидеме почитувани, а нашите интереси секогаш мора да бидат најважни“.
Претседателот на САД соопшти дека ја откажува својата средба со данската премиерка, откако скандинавската лидерка јасно порача дека нема да разговара за продажба на Гренланд на САД, пишува европската редакција на Политико.
„Премиерката успеа да заштеди многу трошоци и напори како за САД, така и за Данска, со тоа што беше толку директна“, напиша вчеравечер Трамп на Твитер. „Ѝ благодарам за тоа и со нетрпение очекувам некогаш во иднина да се видиме!“
Зошто е толку посакуван островот?
Овој северноатлантски остров поседува големи природни богатства како нафта и природен гас.
Ова не бил прв американски обид за купување на островот. Во 1867 година, Стејт департментот, охрабрен од успешното купување на Алјаска од Русија, се обидел да го купи и островот. Последниот обид да се купи бил во мандатот на претседателот Хари Труман во 1946 година. Тогаш на Копенхаген му биле понудени сто милиони долари.
Како што пишува порталот „Геополитика“, Данска очигледно не е Царска Русија, а Трамп е поттикнат од данските финансиски проблеми во врска со исплатата на субвенции за Гренланд, кои изнесуваат околу 600 милиони долари на годишно ниво.
Но, главниот природен ресурс на овој остров се рибите: морските плодови сочинуваат дури 87 отсто од вкупниот извоз на островот, или 280 милиони долари годишно.
ФОТО: EPA-EFE / MICHAEL REYNOLDS