Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани издаде nаредба за спроведување на истражна постапка против полицаец за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
– Врз основа на претходни сознанија и примена на посебни истражни мерки, на 11 овој месец во Кочани по наредба на јавен обвинител од страна на Министерството за внатрешни работи е спроведена акција во која е фатен полициски службеник при продажба на 26,2 грама дрога – марихуана. Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кочани и во текот на вчерашниот ден е изведен пред Судија на претходна постапка – соопшти Обвинителството.
Поради тежината на кривичното дело и запретената казна од три до десет години затвор, надлежниот јавен обвинител бара Основниот суд Кочани да определи мерка притвор. Судот изрече притвор во траење од 30 дена.