Како што можете да видите, истрагата за случајот „Рекет“ е една огромна фарса! Пред наши очи гледаме како целосно се распаѓа и девалвира целиот правен систем притиснат од корумпирани политичари и обвинители. Наместо борба против криминалот и корупцијата, сведоци сме како сите инструменти се ставаат во заштита на мафијата, оцени на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
– Денешното сведочење на Катица Јанева е сѐ, освен професионално водење на истрагата со цел откривање на нарачателите на злоупотребата на институциите и законот за вршење на притисоци и рекетирање на недолжни граѓани. Денешното сведочење на Јанева е доказ дека истрагата на чело со Вилма Русковска е компромитирана. Катица Јанева доаѓа да даде исказ како сведок во присуство на адвокат! И тоа не било кој, туку адвокат на еден од таргетите во случајот „Империја“, случај кој што е конструиран по истекот на законскиот рок за постапување на СЈО, само и само за да се рекетираат бизнисмените. Нема поголема иронија и нема поголемо потценување на интелигенцијата на граѓаните – рече Арсовски.
Според него, доколку Јанева сакала да и помогне на истрагата како што вели, да дојде до главата на октоподот ќе отишла сама, ќе соработувала и ќе кажела сѐ што знае за оние кои што ги нарачале сите овие рекети. За тоа не и треба адвокат. Адвокатот и треба само за да се прикријат дупките и за да се има контрола врз се она што ќе каже, бидејќи очигледно Катица Јанева нема сама капацитет да отиде и да даде исказ во обвинителство.
– Апсурдот да биде поголем, истата Катица Јанева во СЈО не дозволува присуство на адвокати кога се сослушуваат сведоци со едноставно образложение дека не станува збор за лица кои се предмет на истрагата. Или СЈО го злоупотребува Законот за кривична постапка или Вилма Русковска. Трето нема! Факт е дека правдата и процедурите не се еднакви за сите – рече Арсовски.