Град Скопје планира да ја затвори за сообраќај улицата Димитрие Чуповски и да ја прошири улицата Даме Груев откако претходно ќе ја урне зградата на „Макоил“ на улица Македонија.
– Идејата за правење на улицата Димитрие Чуповски во пешачка зона со ограничен сообраќај (само за јавен превоз) е постара и зависи од претходно обезбедување на соодветна сообраќајна алтернатива, поточно проширување на улицата Даме Груев и целокупниот сообраќај да се пренасочи по оваа улица, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието. Една од заложбите на Град Скопје е обезбедување на поголем простор за движење на граѓаните, пред сѐ во Малиот ринг – велат за Плусинфо од Град Скопје.
Овој проект бил повеќе години закочен поради проблемите со објектот кој се наоѓа на трасата на оваа улица, „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“) на улицата Македонија, која го попречува проширувањето на улицата.
– Во моментов се изготвуваат соодветните проекти и тие се во почетна фаза. Се планира целосно откупување и рушење на зградата „Макоил“, по што би се проширила улицата Даме Груев. По завршување на овие постапки, ќе се отвори можноста за интервенција на просторот на улицата Димитрие Чуповски, каде во план е тој дел да добие комплетно нов изглед, со уреден плочник и тротоари, а паркот „Жена борец“ да се прошири кон Собранието – велат од Град Скопје.