Градот Скопје ќе ги санира оштетените делови на спомениците, а ознаките, онаму каде што се отстранети, ќе бидат повторно поставени. Спомениците се оштетени од непознати сторители и од тие причини не може да бидат изречени казни. Вака одговорија од Градот за Плусинфо, на прашање дали е во план повторно да се стави таблата на споменикот „Воин на коњ“ откако по втор пат насилно е тргната.
На неа пишуваше „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“.
– Поради зачестената појава на оштетување, Град Скопје во рамките на своите надлежности во наредниот период ќе го засили надзорот врз спомениците, а истите ќе бидат и под засилени инспекциски контроли. Истовремено, апелираме до граѓаните да не ги оштетуваат спомениците – велат од Градот.