Официјализирање на кичот

КОЈ стои зад она „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“? Ние – граѓаните на Скопје; власта – на локално ниво, на централно …; некое здружение (како она на онаа будала); некоја партија …?

1007

Е кога сме веќе кај тоа допаѓање, бидејќи токму оваа власт се декларира(ше) за демократска, транспарентна, народна (но не популистичка, се разбира) и проевропска – во што апсолутно, барем досега, сериозно не сум се посомневал, освен во ретки исклучоци – а згора на сѐ дојде на власт токму на крилјата на демократско и проевропско Скопје тоест на оној дел од граѓаните (потенцирам: граѓаните, не жителите) на овој град кои беа згрозени од малограѓанштината, простаклукот, криминалот и беспризорноста на оној бивш режим, мораме да се потсетиме на една анкета токму за „Скопје 2014“ каде повеќе од 70% од граѓаните се изјаснија против таа грдотија во нивниот град. Токму затоа, секоја, која и да е власт, ако навистина е демократска, транспарентна, народна (но не популистичка, се разбира) и особено проевропска не смее да се оглуши од ставот на граѓаните на овој град за тоа монструзно чудо што ни го узурпира јавниот простор. Не сакам да се правам попаметен, но ако оваа власт, потенцирам повторно – особено оваа власт – не знае што е тоа јавен простор и во чие „владение“ е истиот, нека праша. Во нивните редови има сериозни луѓе кои знаат што е што односно што е рог а што свеќа! А во крајна линија, не мораат ништо да прашуваат: посочената анкета говори – сѐ.

Впрочем, ако треба навистина да се потсетуваме, нормалниот свет во Општина Центар, и покрај сите саботажи од вмроните, три пати едноподруго го гласаше оној Жерновски – кој, патем, целосно ги разочара, а сега као некому држи „крешендни“ лекции! – токму заради надежта во конечното справување со криминалот и невкусот на тоа вмронско „Скопје 2014“. И од сето тоа не бидна ништо. Остана дури и онаа настрешница на „Белата палата“! Односно, поточно, бидна сосема спротивното: денес, токму од оваа власт – и локална и централна – добиваме налепници врз најшизоидните примероци на „Скопје 2014“ кои нѐ етикетираат сите нас како доброволни учесници (не само) во најголемиот криминал во пост-југословенска Македонија! Нѐ етикетираат не само како криминалофили наместо како криминалофоби, туку нѐ прогласуваат и за малограѓани, сељачаана, кичофили… Тоа ли сме, навистина? Изгледа дека сме, без оглед колку поименично или (можеби) еснафски (во што повторно се сомневам!) ќе се дистанцираме од ваквите потези на актуелната власт.

Навистина не сакам да прејудицирам, можеби имало и поголеми криминали во онаа бивша Ју-Македонија, или во оваа екс-ју Северна Македонија, на пример со приватизацијата и слично, ама сето тоа некако остана да лебди ни на небо ни на земја, со не докрај докажани далавери и учество на (тогашни) државни функционери во истото. Ама „Скопје 2014“ не е тоа, оваа идиотштина ја живее(в)ме и преживеавме неодамна, никој сѐ уште не е (о)суден за овој криминал, дури напротив – ги ослободуваат (ене ви ја пуфлата како пример!), цел град (да не речам цела држава) чека некој да понуди спас зашто ни ветија подобри денови (и, дали, излажаа?) … ама изгледа дека тоа беше /е само наш сон?! Штета, а баш беше убав сон. И правичен, и правдољубив, и демократски. Барем така го сонува(в)ме!

Сеедно, моите желби не мора да бидат ваша стварност, уште помалку државна задача. Во оваа власт, велат, има многу паметни луѓе. Затоа, баш би сакал да знам: дали, после сите ветени „… уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи …“, налепницине значат одговор очекуван од мнозинството граѓани на овој град? Зашто, некому ова можеби му личи на соодветен одговор не на „Преспанскиот договор“ – тој со оваа работа има само некаква далечна врска – туку на сите обвиненија за и сврзани со она шизоидно „Скопје 2014“? Зошто велам дека т.н. „Преспански договор“ нема никаква врска со оваа мерка? Затоа што, да се постапуваше согласно ветувањата, и согласно наодите на неколку експертски тела формирани токму на државно ниво, меѓу другите и на Работната група за „Скопје 2014“ – ќе ме извини таа т.н. (нова) Комисија, ама таа „работела“ на веќе завршена работа!  – нештата досега ќе беа готови. Завршени, капут, енде! И волкот сит и овците на број.

Но, да продолжам на темата за волјата на граѓаните. Секоја власт, па и оваа во тоа не е исклучок, се повикува на волјата на народот зашто тој, народот, во крајна линија ѝ ја доверува таа власт во негово име. И ова често пати го слушавме и од оваа власт. И токму поради тоа, нејзиното постапување денес во Скопје многумина (ќе) го сметаат како постапување во име на народот, или особено во името на граѓаните на Скопје кои ја избраа и локалната власт. А налепницата го вели токму тоа, иако е прилично неписмено – знам, некој ќе рече: мудро – напишана. Лингвистите ќе најдат едно чудо грешки, се разбира, но мене ми падна в очи зошто формулацијата нема ни подмет ни прирок? На пример, КОЈ стои зад она „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“? Ние – граѓаните на Скопје; власта – на локално ниво, на централно …; некое здружение (како она на онаа будала); некоја партија …? Што ќе рече – реченицата е недовршена. Зошто? Бидејќи дури тогаш ќе се побунеа граѓаните на Скопје, па и пошироко? Затоа што логично би било реченицата да гласи: Народот на Република Северна Македонија го подига овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Или, ако тоа им изгледало пресилно, можело да стои: Граѓаните на Скопје го подигаат овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Зошто е избегната една од овие логични формулации? Затоа што би била јавно изречена лага? Се разбира. Но онаа половична неписмена реченица не кажува ама баш ништо! Или токму тоа била намерата – да не се каже ништо? Инаку, за мене, вистинската формулација треба да биде: Криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ го подига овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Тоа и само тоа е единствената вистина и само така ќе можеше да биде прифатена од граѓаните на овој град.

И секоја од предложените формулации крие свои замки и опасности. За нив во следната прилика.

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...