Јас сум сѐ уште специјален јавен обвинител. Моите обвинители работат и се надевам дека оваа есен ќе имаме разрешници на случаи. Што се однесува до мојот денешен исказ се надевам дека со моите аргументи ќе ја забрзам истрагата, изјави денеска Катица Јанева пред да даде исказ во Јавното обвинителство за организиран криминал.
Јанева влезе на сослушување во ОЈО а пред зградата ја пречека и адвокатот Стеван Павлевски, кој е поранешен јавен обвинител. Таа не одговори на ниту едно новинарско прашање и покрај инсистирањето на новинарите.
Јанева важи за блиска до првоосомничениот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, а нејзиниот глас се слуша и во дел од снимките кои ги објави онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“. Во еден од телефонските разговори помеѓу Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во „Империја“, се слуша таа како му кажува на Камчев да не се секира, дека сѐ ќе биде океј. Во друг разговор, пак, Боки 13 ја вклучува на спикерфон и меѓу другото вели дека Камчев се плаши од Лиле Стефанова, на што Јанева вели: „Јас многу сум ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.
Таа до сега не негираше дека е нејзиниот глас, но децидно отфрлаше каква било вмешаност во „Рекет“, а за Боки 13 рече дека ѝ го злоупотребувал името. Во една од писмените изјави, таа дури и посочуваме оти преговарал со Камчев за тој да стане соработник сведок во нова предистрага на СЈО. Освен Јанева во рамки на истрагата беа сослушани и шефицата на нејзиниот кабинет како и тројца обвинители: Елизабета Јосифоска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.
Јосифоска е заменичка на специјалната обвинителка, а Стефанова ја води истрагата за „Империја“, додека Рустеми случајот „Поштенска банка“. Тоа се двата предмета кои Стефанова ги посочи како случаи за кои Јанева барала извештај и суми за отштетата која требало да ја платат осомничените на државата и да се спогодат без некој да оди во затвор.
Вчера на распит во обвинителството, пак беше спроведен второосомничениот во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, како и пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за пензионерката чија идеја за изградба на центар за возрасни, еден вид на старечки домови, била пласирана преку невладината организација Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13. Нејзиното име се споменува во аферата затоа што на нејзината банкарска сметка легнале 720 илјади евра од ГП „Пелистер“, за кои таа изјави дека веднаш штом ги подигнала ѝ биле одземени од претставници на невладината на Боки 13.
Претходно за искази беа повикувани и градоначалниците на Битола и Карпош, Наташа Петровска и Стефан Богоев. Сите лица кои се сослушуваат во оваа фаза се во својство на сведоци, но нивниот статус може да се промени и во осомничени ако обвинителството собере доволно докази против нив.