Нема правда, нели?!

2337

Концептите за правдата и праведноста во едно општество се суштински за неговата долгорочна стабилност и просперитет. Правдата не само што треба да ја има, туку треба и да се види дека се спроведува.

Во таа смисла, јавните поплаки на Груевски дека секојдневно, од понеделник до петок, е принуден да присуствува на судски рочишта и дека нема време за ништо друго, па дури ни за квалитетно да си ја подготви својата одбрана за предметите во кои го судат, е илустрација за видливоста на функционирањето на правната држава во Македонија. Јавноста ја сведочи личната и политичката драма на падот на семоќниот шеф на долги години владејачката Фамилија во земјата, кој беше не само, самиот, недопирлив за функционирањето на законите во државата, туку и нивното спроведување за другите граѓани му беше предмет на негова интерпретација, кога за тоа Фамилијата имаше некаков политички или криминален интерес.

Затоа, сега, кога дојде време да му се суди на Груевски за начинот на којшто владееше, и кому, навистина, секојдневната процесна агенда му наликува на пролетна саботна турканица во зоолошка градина, реакциите во јавноста не покажуваат симпатии или разбирање за неговите калимеро-поплаки од типот „Нема правда, нели!“. Сега, истата таа јавност чиј голем дел, премолчено или не, го помагаше и го поддржуваше начинот на неговото владеење, му вели: „А кога се мажеше, што ти се чинеше?“

Јавноста е таква, нема проблем да си најде и да си поддржи лидер којшто, во нејзино име, во еден период ќе ги артикулира и најниските општествени страсти и фрустрации, но кога и на тој лидер „ќе му истече времето“, сака малку да фати сеир и во неговиот пад, да извлече некои поуки за себе, на негова сметка. Па, кога ќе го видат Груевски како командант на една цела армија свои адвокати – колку чинат, кој ги плаќа?! – на скалите од скопскиот Кривичен суд, денеска малкумина имаат симпатија за него и за неговата, објективна, мака.

А, ја предвиде таа работа, на свој начин, Ѓорге Иванов, визионерот од Валандово, кога пред точно две години, овие денови, се обиде илегално, со претседателски декрет и со злоупотребена наклонетост, да ја амнестира Фамилијата со одлука со која сакаше да изврши „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Тогаш Хорхе помилува 56, знаеме кои луѓе, бидејќи му станало јасно „дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и со страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели“.

Си ја повлече претседателот својата амнестирачка „опашка“ неполни два месеци по нејзиното донесување и, како што ги донесе, така и ги поништи амнестиите. Не е јасно дали тој и денеска разбира дека „вистината е како шило“ што врти за да се пробие на светлото на денот и дека правдата, што е цел сама по себе, на крајот, ќе си дојде по своето.

Сега е ред и на Груевски да се справува со правдата и да се обиде да ја докаже својата невиност. Има извесна убавина во правната држава која тешко се опишува со зборови, но лесно се препознава на скалите од скопската кривична Единица.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...