Македонец пријавил дека бил регистриран како Грк во Колумбија, Амбасадата во Бразил проверува

914

Амбасадата на Македонија во Бразилија информира дека се обидува да стапи во контакт со Никола Божиновски (Nikola Bozhinovski), со цел да се расчистат сите недоумици околу неговиот престој во Колумбија откако тој напиша на Фејсбук дека во хотелот каде што престојувал не можеле да ја најдат Македонија како држава во системот на имиграција и дека бил регистриран како Грк.


Од Амбасадата посочуваат дека од 2018 година постои безвизен режим помеѓу нашите Македонија и Колумбија.

„Досега бројни граѓани го искористија ова право, посебно бекпери-апсолвенти кои што патуваат ширум Јужна Америка, бројните македонски млади професионалци од дијаспората кои што работат за глобалните финансиски и други професионални корпорации, како и туристите кои што главно ја посетуваат Картахена и карипскиот брег на Колумбија. 

Досега Амбасадата во Бразилија не добила никаква информација за задржување на наши граѓани при влезот во Колумбија, ниту, пак, за проблеми при регистрацијата во хотелите, пансионите или на Airbnb, но стоиме на располагање да ја расчистиме состојбата со пријавата на Никола Божиновски во системот на имиграција на Колумбија.

Колумбиските органи и колумбиската амбасада во Бразилија имаат извонреден однос со нашата амбасада во Бразилија за сите прашања поврзани со престојот, работата и другите граѓански и конзуларни потреби на нашите граѓани во Колумбија. Амбасадата редовно издава и патни листови кои што се признаени од колумбиските власти и им овозможува непречен излез на нашите граѓани од колумбиската територија.

Минатата година беа одржани политички консултации помеѓу двете МНР на ниво на регионални директори, а веќе се планира и нова рунда на политички консултации, со бројни договори од сферата на економската соработка, безбедноста, како и во други сфери од заемен интерес. Посебно внимание посветуваме токму на олеснувањето на граѓанските услуги за државјаните на двете земји“, се наведува во реакцијата на Амбасадата во Бразилија. 

Амбасадата информира дека дежурен мобилен број за сите наши граѓани во Јужна Америка е + 55 61 98276 1850 (македонски, португалски, шпански и англиски) – бројот на амбасадорот Ивица Боцевски.

Оттаму информираат дека земјите од Јужна Америка започнале ригорозно да ја спроведуваат мерката за потребата од валиден пасош, со рок на траење подолг од шест месеци при влезот во земјата. Досега се толерирала итна интервенција на Амбасадата од Бразилија, но, за жал, веќе ја нема таа можност на неколку дестинации, меѓу кои и често посетуваниот Перу.

Од Амбасадата најавуваат дека има можност до крајот на годината да постигнеме визна либерализација и со Уругвај и со Парагвај, со што ќе се заокружи слободното патување за нашите граѓани ширум Јужна Америка (исклучок се Боливија и Еквадор кои што не се на белата Шенген листа).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...