Град Скопје: Не се согласуваме со пешаци кои тврдат дека времето за поминување на семафор е прекратко

1023

Не се согласуваме со наводи на пешаци кои тврдат дека нема доволно време да се помине на семафор на пешачки. На сите семафори има доволно време за поминување на сообраќајниците, а на одредени сообраќајници истата е дополнително зголемена. Исто така, во насока на овозможување безбеден сообраќај за сите, на одредени сообраќајници беа додадени и звучни сигнали за слепите лица. Ова го изјавија од Град Скопје за Плусинфо, по наше барање за нивен став во врска со жалби на граѓани дека на одредени семафори за пешаци, зеленото трае прекратко.

– Светлосните сообраќајни сигнали на подрачјето на градот Скопје се така прилагодени да ги задоволат потребите на сите учесници во сообраќајот во градот Скопје и тоа: автомобилите, пешаците, велосипедистите, лицата со посебна потреба, старите лица и сите останати учесници во сообраќајот. Можеби на некои крстосници и пешачки премини повеќе се дава приоритет на автомобилите, но затоа на други крстосници и пешачки премини во градот, повеќе приоритет се дава на пешаците и велосипедистите и сите други учесници како една заедничка градска целина подеднакво – велат од Градот.

Како што ни беше речено, програмирањето на семафорите било дел од системот за организација на сообраќајот, во кои се земале предвид сите форми на сообраќај и сите учесници, а, како што велат, во предвид треба да се земат и состојбата и развојот на јавниот транспортен систем.

– Така, примерот посочен од граѓанската иницијатива „На точак“ дека во некои градови семафорите специјално се програмирани да дадат приоритет на јавниот градски превоз и велосипедите, треба во предвид да се земе дека тие градови имаат урбано градско метро и урбан градски трамвај и дека 80% од луѓето ги користат овие видови на транспорт. Со оглед на состојбата во градот Скопје, односно без урбано градско метро и урбан градски трамвај светлосните сообраќајни сигнали моментално се најдобро можно прилагодени и позиционирани – додаваат од Градот.

Граѓани ни се пожалија дека на одредени семафори за пешаците нема доволно време да се помине на зелено светло, туку треба да се претрча. Тоа, како што велат, трае само неколку секунди, што е малку и за млади лица, а камоли за постари, изнемоштени или за натоварени граѓани. Снимивме и видео од еден таков пешачки премин во центарот на Скопје.

Плусинфо за петнаесетина минути „улови“ неколку случаи на несинхронизирани семафори.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...