Европа ќе биде вистински обединета само кога и земјите од Западен Балкан ќе станат членки на Европската унија, порача германската канцеларка Ангела Меркел.
Изјавата на германската канцеларка, како што пренесува европското издание на порталот Политико, претставува уште една потврда на посветеноста на Берлин за проширувањето на Европската унија, што е непопуларна идеја меѓу некои членки на ЕУ и многумина избирачи во Западна Европа.
Меркел ова го кажа во Унгарија, на одбележувањето на 30-годишнината од таканаречениот „Паневропски пикник“ – симболичен настан што доведе до масовен егзодус на жителите од Источна Германија кон Западот, или на конечниот пад на Железната завеса и приближувањето на Источна и Западна Европа.
Канцеларката, меѓутоа, нагласи дека европското единство нема да биде заокружено додека целиот Западен Балкан не и се приклучи на Европската унија.
– Доколку ги гледате работите геостратешки, исто така, треба да ја погледнете мапата и ќе видите дека Европа ќе биде вистински обединета само со државите од Западен Балкан, рече Меркел пред новинарите во унгарскиот град Џопрон – пренесе Гласот на Америка.
ФОТО: EPA / JENS KOEHLER