Во водите на Охридското Езеро ќе се плива десеткилометарска трка во рамки на Европскиот ЛЕН куп

351

Дваесет маратонци во машка и седум во женска категорија од девет европски држави ќе учествуваат на првата трка на десет километри во водите на Охридското Езеро, што ќе се одржи утре во организација на Лигата на европските нации (LEN).

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција, за првпат од осамостојувањето во Охридското Езеро ќе се плива трка на десет километри, во рамки на серијата од пет трки што се квалификации за олимписката дисциплина пливање на десет километри. Република Северна Македонија од оваа, па наредните пет години ќе биде дел од петте квалификациски трки што се одржуваат уште во Израел, Франција, Шпанија и Данска.

– Без трка рангирана како официјална олимписка дисциплина не можеме да зборуваме дека сме дел од официјалното светско пливање. Од оваа година сме официјално дел од европскиот куп, во конкуренција на 53 држави во Европската пливачка федерација – истакна Александар Маленко, претседател на Пливачката федерација на Северна Македонија.

Според Хадар Бендрор од Европската ЛЕН федерација, исполнети се предусловите за одлично организирана трка.

– Задоволни сме од листата пријавени пливачи, имаме одлични натпреварувачи, очекуваме извонредна трка. Покрај убавината на езерото и чистата вода, мора да ја посочиме и одличната организација на настанот, благодарение на ентузијазмот на домашниот партнер – рече таа изразувајќи уверување на успешна натамошна соработка.

За квалитетот на утрешниот, според календарот претпоследен пливачки куп во Охрид, најдобро зборува податокот дека ќе пливаат четворица маратонци во машка и двајца во женска конкуренција кои беа меѓу дваесетте учесници на трката на десет километри на неодамна одржаното Светско пливачко првенство во Гуанжу.

– Драго ми е што за прв пат нашата држава ќе има тројца учесници во олимписка дисциплина на официјален европски ЛЕН куп, и тоа Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и Давор Петровски – рече Маленко.

На стартот на пливачката трка во Охрид утре точно на пладне ќе ја видиме и Ангела Маурер, прогласена за кралица на далечинско пливање на отворени води, учесник на две олимпијади, двократен европски и светски шампион.

Согласно пропозициите на ЛЕН, за најдобрите тројца пливачи на утрешната трка во двете категории обезбедени се парични награди од по 2.500, 1.500 и 1.000 евра.

Инаку, шестемина најдобропласирани натпреварувачи, по тројца во машка и во женска конкуренција на петте трки во рамки на ЛЕН купот, обезбедуваат учество во претквалификациската трка за учество на наредните Олимписки игри.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...