Не се ‘рчкајте, Најдобрата партија на Милчин и Геро има да ве растури!

Ударната тупаница на пропагандата на Заев, Капачето од Мактел, признава дека на СДСМ можеме да му земеме од 50.000 до 100.000 гласови. Тоа значи меѓу 7 и 12 пратенички мандати, со кои ние двајцата практично ќе одлучуваме кој ќе владее со земјата. Не знам за Владе, но јас предлагам СДСМ да размисли за внатрепартиска реформа, ако планира да се бори за власт и да биде лидер на евроатлантскиот процес. Во спротивно, Најдобрата партија на Милчин и Геро, иако за неа сѐ уште немаме ни разговарано, ќе „пука“ на 300.000 гласови. Онака, ко за почеток...

15917

Една лажна вест, искреирана од пропагандата на Грнето Зоран Заев, а објавена од Капачето, за мене сосема неочекувано, предизвика бура од реакции на социјалните мрежи. Велам неочекувано, бидејќи ударната тупаница на пропагандата на СДСМ пак никој не ја сфаќа сериозно, зашто постојано фабрикува лажни вести, за потоа, под закана од тужби, бесрамно да се извинува, како ништо да не било.

Да бидеме реални, лажната вест за која станува збор беше толку глупава, што навистина помислив дека не заслужува никаква реакција, дури ни обичен потсмев. Имено, бриферите на Капачето му рекле да ја „дисеминира“ шпекулацијата што и јас сум ја слушнал, дека наесен ВМРО-ДПМНЕ ќе организира протести против Зоран Заев. И патем, за со еден куршум да се отепаат два зајака ако може, на Капачето му рекле да нѐ спомне Владе Милчин и мене, како идни водачи на протестите.

Сум слушнал дека кога му даваат вакви сложени задачи на уредникот на Мактел, за да не се утне работата, текстовите ги пишува еден од неговите двајца најблиски брифери – првиот е поврзан со пропаганднот штаб на Заев, а другиот директно со заменичката претседател на СДСМ, Радмила Шеќеринска. Се разбира, двајцава брифери не комуницираат со своите извори на дневна основа (да не ги обвинуваме сега Зоки и Рада за сенешто), туку како шамани ги „читаат“ сигналите од врвот и ги преточуваат во нарачки. Арно ама, кога нарачките се важни и комплицирани (како оваа), тие обично не ги препуштаат на креацијата на недоветнот, туку самите ги пишуваат, а Капачето ги потпишува. Така сум чул. Јас, како експерт, поранешен предавач по предметот Пишување и автор на три книги од областа, лесно можам да препознаам кога пишуваат бриферите, а кога му дозволуваат на Капачето да се искаже со свои зборови.

Овој пат несомнено дошол до израз талентот на уредникот на Мактел. Бидејќи му се причинило недоволно бомбастично мене и Милчин да нѐ прогласи само за водачи на некакви септемвриски протести, тој решил да ни додели и функции во ВМРО-ДПМНЕ. Па така, тој првично тврди дека ние двајцата ќе сме биле кооптирани во Извршниот комитет нна партијата, како негови членови (обични членови, срам да му е!). Претпоставувам дека некој веднаш му се јавил на Капачето да му каже дека лагава е ептен провидна – навистина, тешко дека некој од Владе и од мене ќе направи вмровци – па уредников, во паника, прави нов лупинг и смислува една „пореалистична“ варијанта, според која Милчин и Геро прават нова партија. И тоа е лага, се разбира, но се проценило дека таа лага некако може и да мине.

Најстрашното во оваа лажна вест, која потекнува од пропагандата на СДСМ, е фактот што таа содржи еден клучен елемент кој ги треска и самиот Заев и неговата партија од земја – тоа е проценката дека новата партија што ја „правиме“ Милчин и јас може да освои меѓу 50.000 и 100.000 гласови на следните избори. Со други зборови, ударната тупаница на пропагандата на СДСМ проценува дека нашата партија може да освои меѓу 7 и 12 пратенички мандати, што би било навистина фантастичен резултат. Со толкав број пратенички мандати, јас и Милчин реално ќе одлучуваме кој ќе владее со земјата.

Со оглед на мојата пословична амбициозност, штом реалниот потенцијал на нашата нова парија е 100.000 гласови (проценка на пропагандата на СДСМ, да кажам по трет пат), еве јавно се изјаснувам дека јас не би се нафатил на таа работа без да „пукам“ на 150.000 гласови. Тоа, пак, значи дека Владе и јас ќе го избираме идниот премиер. Па затоа, поради итноста на ситуацијата, се договоривме, после долгата двомесечна пауза, да се видиме и за почеток, да го затвориме ова важно кадровско прашање. На таа средба на Владе ќе му предложам нашата нова партија да се вика, едноставно, Најдобрата партија. Така на луѓето ќе им биде уште полесно да одлучат за кого да гласаат – за Најдобрата партија, нормално.

Патем речено, во ноември 2009 година во Исланд, како израз на револт против естаблишментот виновен за финансиската криза во оваа земја што трае цели три години, еден локален лик, поранешен градоначалник на Рејкјавик, формира партија која ја нарекува Најдобрата партија. Исландската Најдобра партија на изборите во 2010 година освојува мнозинство во градскиот совет во Рејкјавик. Пред следните избори во 2014 година, лидерот се повлекува од партијата, а членството се приклучува кон партијата со име Светла иднина. Ова чисто да се знае дека понекогаш од играчка може да стане и плачка…

И ако сега за момент престанеме да се шегуваме (иако во секоја шега, нели, има и дел вистина), сериозната анализа веднаш ја открива фројдовската грешка во овој трагичен спин на пропагандата на СДСМ. Ова е директно јавно признание дека владејачката партија заостанува за најмалку 50.000 до 100.000 гласови зад ВМРО-ДПМНЕ, што се потврди и на претседателските избори. Слушам дека некои внатрешни анкети во СДСМ покажувале дека разликата се зголемува, на штета на партијата на Заев. После толку скандали, корупција, непотизам и лошо владеење, ништо друго и не треба да се очекува.

Во политиката нема празен простор. Ако „резервоарот“ на СДСМ е испразнет за 50.000 до 100.000 гласови, како што проценува нивната пропаганда, тие гласови некаде сигурно ќе се прелеат. Јас немам дилеми дека се отвора простор за нови политички формации. Можеби и за амбицирање на некои од партиите кои сега се сателити на СДСМ, да тргнат во самостојна битка. Дури и за еден нова коалиција на политички сили кои се надвор од трлата на двете најголеми партии, или се со намера да ги напуштат. Политичката игра се комплицира и допрва ќе се комплицира, што за мене е благопријатна ситуација.

Настрана од овие страхувања, што грнето преку капачето реши да ги сподели со јавноста, јас лично мислам дека Зоран Заев и СДСМ во периодот што претстои ќе се соочат со еден друг предизик, со една ептен сериозна задача, со еден нов бенчмарк што можеби ќе им биде поставен и од нашите западни сојузници – партијата да си се реформира и да се консолидира низ внатрешна лустрација, ако планира да добие поддршка од странскиот фактор да биде локален лидер на евроатлантскиот процес во Македонија. А се знае што се мисли кога ќе се спомне зборот „реформа“. За тие што не знаат, еве да им кажам – освен демократизација и обнова на замрениот партиски живот, тоа значи и сериозни кадровски промени во врвот на партијата.

Ако тоа не се случи, Најдобрата партија на Милчин и Геро, иако за неа сѐ уште немаме ни разговарано, ќе ио зголеми амбициите и ќе „пука“ на 300.000 гласови на следните парламентарни избори. Онака, ко за почеток…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...