Официјалните активности на Обвинителството за расветлување на случајот „Рекет“ вчера продолжија со исказ на Бурим Рустеми, третиот обвинител од Специјалното јавното обвинителство (СЈО) кој сведочеше за прашања поврзани со истрагата „Поштенска банка“, која ја води тој во СЈО. Покана за исказ е испратена и до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и се очекува таа да сведочи во вторник во Одделот на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Обвинителот Рустеми по исказот изјави дека одговорил на сите прашања за кои што се интересирала обвинителката и ги дал сите информации.
– Ја кажав вистината и сметам дека мојот исказ ќе придонесе за развој на истрагата, во делот на настаните поврзани со предметот „Поштенска банка“ – рече Рустеми.
Пред него, од почетокот на неделава искази во Обвинителството за случајот „Рекет“ дадоа и специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска.
Нивната шефица Јанева, пак, по информациите за несогласувања во СЈО, вчера негираше дека наредила претрес на нејзините соработници при влез и излез од зградата на СЈО, објаснувајќи дека е недоразбирање, наспроти таквите завчерашни тврдења на обвинителката Фатиме Фетаи.
– Не е точно дека сум издала таква наредба, се работи за недоразбирање. Не сум расположена за повеќе разговор – изјави Јанева, која истовремено со објавата за истрагата на „Рекет“ на 15. минатиот месец, депонираше оставка условена со носењето на новиот закон за обвинителство, по што користеше боледување, како и еднонеделен одмор, а пред пет дена се врати на работа во СЈО.
Паралелно со случувањата во ОЈО и СЈО лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера на прес-конференција ја обвини власта и премиерот Зоран Заев дека стојат зад „Рекет“ и ги штитат осомничените и криминалот. Од владејачката СДСМ му порачаа дека нема да успеат неговите обиди да ги одбрани, како што велат, криминалите на тајкуните на режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „Рекет“ не е можен без поддршка и знаење на Заев, а како што посочи, Јанева се уште го води компромитираното СЈО и треба дополнително да се испита улогата и на сите други обвинители и помошници и можноста за постоење други вакви случаи. Го праша премиерот на што се должи заладувањето на неговата реторика кон Јанева и кон првообвинетиот за „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, а му порача и дека не може да помине неговиот предлог, како што нагласи, „компромитираното СЈО да го преслика во обвинителскиот систем“. Тврдењата за негов контакт со второсомничениот во „Рекет“ Зоран Милески Кичеец, како што рече, се обид на власта да го вмеша во „Рекет“.
Портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, пак, изјави дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ одработуваат за тајкуните на режимот и обвинетите криминалци, надевајќи се дека ќе ја поткопаат правната држава, оти нема да успее да се донесе новиот закон за ЈО, дека нема да станеме членки на ЕУ и НАТО, а вистинските криминалци да ги спасат и оти пробуваат да ги претстават како жртви.
– Нема да успеат твоите обиди да ги загрозиш случаите што се водат против криминалците и криминалите на режимот, на твојот шеф, ниту вашите тајкуни – рече Костадинов.
Осомничените во истрагата Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се во притвор и се товарат за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Првоосомничениот Б.Ј. го товарат и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. Во фокусот на јавноста од пред две недели беа и разговорите објавени во „Ла верита“ поврзани со овој случај.
Реакции и апели за расветлување на „Рекет“ со ефикасна и темелна истрага постојано упатуваат како домашната јавност, така и меѓународната заедница, со главната порака дека разврската е тест за правната држава.