ОБНОВЕНО: Во тешка состојба пациентот со западно нилска треска, вирусот го нападнал централниот нервен систем

Ова е прв случај на заболен од ова заразно заболување во земјата, а според Стевановиќ, нема простор за паника кај населението за кое остануваат главните препораки за заштита од комарци.

1698

Пациентот заразен со западнонилска треска кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје се наоѓа во тешка состојба со манифестација на централниот нервен систем, изјави за МИА Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника.

Ова е прв случај на западно-нилска треска летово во државава, и како што изјави д-р Билјана Даниловска од  Центарот за јавно здравје Скопје за МИА, случајот е лабораториски потврден во оваа здравствена институција.

Стевановиќ информираше дека хоспитализираниот, на возраст од 66 години, веќе една недела е на лекување на одделот за интензивна нега на Инфективната клиника, а болеста претходно му е дијагностицирана во ГОБ „8. Септемви“ во Скопје.

На Инфективната клиника сезонава досега не регистрирале други сомнителни случаи од заразата  којашто е векторски пренослива преку комарци. Најчесто поминува како настинка, а кај  мал процент се манифестира со потешка клиничка слика.

Ова заразно заболување, кое може да биде и смртоносно, го пренесува комарец, но не се шири од заболен на здрав човек.

Според Стевановиќ, нема простор за паника кај населението за кое остануваат главните препораки за заштита од комарци.

Покрај прскањето против комарци од страна на надлежните институции, како што вели Стевановиќ, и епидемиолошките и останатите служби  преземаат редовни и рутински активности за превенција и заштита.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...