Убиствен систем

И добро е да има критики, добро е дури луѓето зборуваат гласно. Лошо е кога ќе почнат да шепотат или целосно ќе престанат да говорат. Тогаш, значи, работите се излезени од контрола!

1354

Се разбира дека секој има право на свој ракурс за степенот на промените. Па дури и да кажете, како на пример г-динот Билали, дека „Со години незамисливо молчевме кога пред наши очи незамисливо исчезнуваа тешки милијарди наши пари, а тогаш ич не нѐ интересираше политиката, а сега од такт нѐ вади тоа што во убав куфер се носат сомнителни пари од сомнителни лица“! Без намера да го корегирам г-динот Билали, но делови од оваа негова перцепција едноставно не се поклопуваат со мојата перцепција на тој период! Прво, не можеме „промените“ да ги гледаме низ призмата на „убавината на куферот“. За право, оние претходнине не можеа пљачките да си ги соберат во „убави куфери“ – им беа потребни редици шлепери! И второ, тоа беше така токму заради фактот кој што сосема исправно го констатира г-динот Билали, а тоа е фрапантното молчење „кога пред наши очи незамисливо исчезнуваа тешки милијарди наши пари“. Но, сепак, мораме и тука да се диференцираме: не молчеа сите. И не сакам да спомнувам други имиња кои не молчеа за да не изигрувам нивен адвокат, но ќе бидам нескромен и ќе се посочам себеси. Јас не молчев, и тоа од самиот старт, од средината на онаа 2007 година.

Меѓутоа, кога говориме за промените тоест за степенот на реформите во државава односно за неисполнетите ветувања/очекувања – зашто, како сакате именувајте ги нештата но тие сепак се сведуваат на тоа – има неколку битни аспекти кои што во нашето незадоволство често ги превидуваме. На пример, оваа Влада е една од најкомплицираните македонски влади од осамостојувањето до денес. Не само поради начинот на кој што дојде на власт – што, патем, пречесто го забораваат токму владините и партиските функционери! – туку и поради целата политичка констелација на односите внатре во Владата.

Имено, сите досегашни македонски влади беа (условно) двокомпонентни и функционираа (политички и секако друго, повеќе она „друго“ отколку политички) релативно добро токму на таа основа. Секогаш е полесно да помирите потенцијални разлики помеѓу двајца партнери отколку помеѓу четворица, на пример. А оваа Влада е токму таква: мултикомпонентна, со (дури) непомирливи разлики помеѓу внатрешните компоненти/партиципиенти! И тоа не само во етно-политички контекст (да не заборавиме дека за СДСМ, до пред две години, и ДУИ беше еднаков партнер во сите криминали на бившиот режим), туку и во „идеолошки“ (огромните разлики помеѓу албанските партии што партиципираат во Владата). Овој кредит мора да ѝ се даде на оваа Влада, иако таа некогаш залудно го троши. Мора да се имаат предвид сите (објективно контрапродуктивни) разлики кои што просто ја растргнуваат Владата на неколку страни и неопходното мајсторство сето тоа да се балансира, да се менаџира, да се организира во едно функционално тело. Тоа е речиси невозможно, а сепак, очигледно, (делумно) остварливо.

Со сите грешки и промашувања, со сите глупости и пропусти … но и со неизбежни попустливости, несвојствени за некое понормално време. Веројатно поради тоа, многу често, таа Влада, или дури самиот кабинет на Премиерот, се јавуваат во функција на супституција на државните институции, агенции, министерства. Тоа е данокот што се плаќа за така компонираната Влада. Дали тоа нам ни се допаѓа или не, е друга работа. Дали таа и таква Влада, во вакви услови, може да функционира подобро односно поинаку – тоа е веќе хипотетичко прашање. Се разбира, ова не може и не смее да ги покрие сите глупости што се случуваа(т) или некаква инволвираност на Владата во актуелни или минати криминали зашто за тоа нема никакво оправдување.

Она за што исто така тешко можат да се најдат рационални оправдувања е и отстапувањето од некои, или од повеќето главни стратешки правци зацртани во самата програма на Владата, а кои што треба(ло) да бидат појдовната точка на обединување на сите (иако дури дијаметрално разични) политички партиципиенти. А тоа, очигледно, го нема инаку состојбите во државава не ќе беа такви какви што се.

Дури, ако сакате, огромни и крајно неразбирливи отстапувања – на државно и на локално ниво – има токму во ресорите каде што доминираат функционери на најголемата политичка партија во оваа коалициска Влада. И тоа е најчудното, најнеобјаснивото! А тоа никој дури и не се обидува да го објасни на граѓаните, што е апсолутно недопустливо. Зашто, ако Министерството за култура, на пример, „функционира“ така како што функционира – што ќе рече како пред педесетина години – тоа не би требало да биде пример и за другите министерства, особено не оние (рако)водени од кадри на СДСМ, нели? Или ако за едни државни институции важат програмите и политиките на оваа Влада, како може истите да не важат за други? Само заради фактот што таму заседнале неуки пулени на коалициските партнери? Тоа, за жал, се претвора во убиствен систем каде стратегиите и ветуваните / очекуваните промени важат само на хартија или зависат од волјата на поединци (зависно од нивната политичка/партиска провениенција). А во такви држави има сѐ друго освен – прогрес!

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...