Новата табла што беше поставена вчера на споменикот „Воинот на коњ“ на која пишува дека Александар Велики е дел од хеленската историја, беше демолирана.
На социјалните мрежи се појави фотографија на која се гледа дека таблата е падната. Но, денес таблата повторно е вратена на своето место.
„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство. Овде е претставен како воин на коњ“, стои на новата ознака на споменикот „Воин на коњ“ на централниот плоштад во Скопје.
Медиумите пишуваат дека и ознаката што беше поставена вчера на споменикот на Филип Втори на скопскиот плоштад „Карпошово востание“ ноќеска е извадена и украдена, а на споменикот на Олимпија, пак, таблата е оштетена.