Пратениците денеска ги изгласаа дополнетите закони за Оперативно-техничката агенција (ОТА) и за следење на комуникациите. Законите беа донесени со консензус, постигнат по разговорите во работните групи од страна на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Овие два закони се дел од пакетот реформски закони.
Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека опозициската партија, на половината од дадените забелешки се прифатени и вградени во текстот на законите, сериозно ќе ја следи нивната имплементација, како и на кадарот што ќе се поставува во ОТА, како и оној што ќе се презема.
Потпретседателката на Собранието и пратеник од СДСМ Фросина Ташевска Ременски истакна дека во текстот се вградени дел од зебелешките кои произлегле од дебатите кои се организираа за ОТА, на кои присуствуваа и експерти, се допрецизираа одредени дефиниции и надлежности.
– Ова е еден сериозен чекор во давањето гаранции за неповторување на незаконско следење на комуникациите во РМ од една страна, а од друга страна и гаранција дека човековите права и слободи ќе се почитуваат од сите институции – рече Ташевска Ременски.
Дополнително, додаде таа, се зацврстува собраниската контрола и надзор над ОТА и ги проширува сите можности што ги има Собранието преку надзорните комисии да го следи имплементирањето на законот.
– Првпат во Република Македонија во системот на следење на комуникации имаме најголема законска гаранција за обезбеден надзор и контрола над овластените органи за примена на мерките што дополнително ќе биде предизвик и за Собранието да ги искористи максимално, а со тоа и да покаже дека се залага за законитост во работењето на државните институции, заштита на човековите слободи и права и заштита на приватноста на граѓаните – рече пратеничката.
Во рамки на 41. седница донесени се и измените и дополнувањата на Законот за оружјето, за ловството, за рибарство и аквакултура, донесени се неколку одлуки и заклучоци за автентични толкувања.
Претходно денеска Собранието во рамки на продолжението на 22. седница со 86 гласа „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка.